Инцидент во Тетово: Демонстрантите ја нападнаа полицијата која го бранеше седиштето на ДУИ


Фото: Б. Грданоски
Граѓаните кои попладнево мирно протестираа во Тетово, како поддршка за починатите кои загинаа при пожарот во модуларната болница во Тетово, влегоа во конфликт со полицијата. Тие се упатиле кон седиштето на ДУИ во Мала Речица, но таму им е забранет пристапот.Групата граѓани почнала да фрла со јајца и со камења кон општинската зграда и притоа дојде до судир и со припадниците на МВР. Еден од нив се обиде со бекатон плочка да нападне полицаец.
 

„Од слобода се лишени две лица, 52 годишник од Тетово и 31-годишник од Кичево. СВР Тетово во координација со јавен обвинител работи на расчистување на случајот“, соопштија од  СВР Тетово посочувајќи дека  четворица полициски службеници се полесно повредени.

Од ДУИ  најостро го осудуваат физичкото и родовото насилство кое се случи за време на денешниот протестен марш.

„Политичката бруталност на албанската опозиција, изразена преку нејзината скриена рака не познава граници, ниту болка за семејствата на починатите кои за жал ги загубија животите во трагедија што досега не сме ја доживеале. Ова е уште еден доказ за обидите на опозицијата да добијат ниски политички поени во пресрет на локалните избори“ – порачаа од ДУИ. Од албанската опозиција пак е оградија дека стојат зад протестот и насилството. 

Дел од граѓаните кои протестираа како најодговорни за жртвите од пожарот ги посочија претставниците на Владата. Бараат одговорност и разрешување на случајот.

Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти со Ковид-19 кои биле на лекување.