Инцидент во Рим, Ѓоковиќ го погодија со шише во главата (видео)
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ доживеа непријатност при напуштањето на теренот по победата во второто коло во Рим.
Ѓоковиќ се пласираше во третото коло во Рим, откако за еден час и 26 минути го победи Французинот Корентин Муте со 2:0, по сетови 6:3, 6:1.
Во моментот кога го напушташе теренот и даваше автограми за навивачите, во главата го удри шише фрлено од трибините, по што падна на земја.
Според она што може да се види на видеото, не изгледа како Новак да е удрен намерно, туку како да е несреќен случај.
Судејќи по неговата реакција, тоа беше болно.
Набргу потоа имаше објаснување како Ѓоковиќ го добил ударот, поради што толку многу крварел што морал да биде префрлен во медицинската соба во комплексот Форо Италико.
Според италијанскиот „Ил Месаџеро“, шишето испаднало од ранецот на момче кое се наведнало над трибините во обид да добие автограм од најдобриот тенисер на планетата.
Инаку, натпреварот започна сосема спротивно од очекувањата, но не за долго. Ѓоковиќ беше пасивен во првите дваесетина минути, што резултираше со два брејка на противникот. Еднаш возврати, но уште од стартот ја бркаше предноста на ривалот (1:3), додека не израмни во шестиот гем. Оттогаш играше како знае и умее, па го остави Французинот без шанса да му парира и се прошета во третото коло.