(Видео) Инцидент пред српскиот парламент, приведени 15 лица


Петнаесет лица биле приведени денес откако утринава пред српскиот парламент се случи инцидент во кој бил нападнат пратеник. Српските медиуми известија дека претседателот на НСС, Маријан Ристиќевиќ, при влегување во собранието вербално бил нападнат од претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, по што дошло до хаос, меѓусебни навреди и туркање.

До инцидентот дошло кога Обрадовиќ и уште неколку пратеници и симпатизери на движењето ги блокирале скалите на влезот во парламентот. Освен со Ристиќевиќ, Обрадовиќ се судрил и со министерот за здравство, Златибор Лончар, кој требало да присуствува на собраниската седница.

На снимките кои беа прикажани во српските медиуми, се гледа како Ристиќевиќ излегува од метежот без палто и со скината кошула.

 

Белградска Политика пишува дека денешниот физички напад од страна на Бошко Обрадовиќ и на дел од приврзаниците на Сојуз за Србија врз пратеници и други луѓе кои се обидувале да влезат во собранието се оценува како чист фашизам.

– Физичка пресметка со луѓе, да ги малтретирате, да им се заканувате со ќотек, да им кинете алишта затоа што мислат поинаку од вас, никогаш нема да биде дозволено, изјави Небојша Стегафановиќ, потпретседател на владата и министер за внатрешни работи.

Н1 пишува дека народните пратеници на Двери и нивните приврзаници за време на протестите пред влезот во парламентот нападнале колеги и министри.

Протестот бил завршен околу 11,20 часот, а лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, порачал дека дошло време за бунт и ги повикал граѓаните во Србија да излезат на улица в сабота и со велосипеди, автомобили и мотори да формираат протестни колони.