Инаугурацијата на Пендаровски без Заев?


Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски најверојатно ќе биде инаугуриран за претседател в недела, со почеток во 12 часот. Еден до два часа подоцна, се планира во претседателската резиденција, претседателот во заминување Ѓорге Иванов да му ја предаде должноста на Пендаровски. Тоа ќе биде прво примопредавање на претседателската функција во резиденцијата на Водно, каде што Иванов беше и прв станар, додека кабинетите на претходните претседатели беа сместени во Собранието.
Покани за учество на инаугурацијата се упатени до повеќе странски државници и претставници на меѓународни организации, меѓу кои се и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан… Своето присуство го потврдија претседателите на Бугарија, Косово и Албанија: Румен Радев, Хашим Тачи и Илир Мета.
Но, нејасно е дали ќе присуствува премиерот Зоран Заев, кој практично е најзаслужен што Пендаровски ја доби довербата од СДСМ да биде нивен кандидат за претседател. Неговите соработници информираат дека тој ќе користи слободни денови до вторник поради приватни причини.
„Канцеларијата на претседателот на Владата ќе функционира непречено во периодот на приватното отсуство на премиерот“, велат од владината прес-служба.