Ин мемориам: Зоран Трпески, човекот кој заради Македонска банка ја жртвуваше кариерата во светот на финансиите
Првиот човек на некогашна Македонска банка, во време кога банката се трансформираше од словенечката Љубљанска банка во банка со домашен капитал, почина ненадејно деновиве
Важеше за еден од најдобрите банкари кај нас и за човек пред кого стои блескава кариера во светот на финансиите – се додека неговата амбиција да ја купи банката со која раководеше не се судри со домашната регулатива и со институциите кои беа задолжени да ја спроведуваат. Зоран Трпески (65), прв човек на некогашна Македонска банка во првата половина на деведесеттите години на минатиот век, во време кога банката се трансформираше од словенечката Љубљанска банка во банка со домашен капитал, почина деновиве, откако ненадејно му се слошило, велат неговите пријатели.
Несомнено станува збор за голема загуба на некогаш перспективниот банкар, а подоцна и активен бизнисмен, кој по сопствена желба се повлече од очите на јавноста, па оттаму и информациите за него се прилично скудни.
Пребарувањето на интернет открива дека минатата година како директор на фирмата „Интеренерго“ ДООЕЛ, потпиша договор за јавно-приватно партнерство со Општина Радовиш, за давање енергетски услуги на јавно осветлување по ЕСКО модел.
Општината на нејзината интернет страница со неколку фотографии го одбележа потпишувањето на договорот под строгиот ковид-протокол. Иако зад маска, јасно се распознаваат ведриот лик на Трпески и неговата карактеристична насмевка.
Трпески своевремено се судри со системот и – изгуби. Накусо, тој како директор со уште неколку лица, преку пренос на акции на доносител се обиде да стане сопственик на Македонска банка, од која Словенците (односно, некогашна Љубљанска банка) очигледно сакаа да се повлечат. Времињата беа турбулентни, тежеше товарот на таканаречените стари девизни заштеди.
Таквата трансакција беше оспорена од страна на Народната банка на Македонија по што му беше одземено правото да управува со банката.
За разлика од неговиот прв соработник, кој се откажа од намерата да биде акционер во Македонска банка (и продолжи да работи како директор во банкарскиот сектор) Трпески цврсто веруваше дека е во право и реши да оди до крај.
Случајот „Македонска банка“ во 2000 година доби свој судски епилог, односно првостепена пресуда според која „прибавувањето на спорните акции било противправно“.
Подоцна ваквата одлука беше потврдена и од другите, повисоки судски инстанции, па откако беа исцрпени можностите дома, правдата ја побара пред судот во Стразбур. Но апликацијата не беше прифатена, односно судот одлучи да нема јавна расправа.
Оние кои имаа прилика да соработуваат со Трпески (роден во 1955 г.) и денес велат дека тој беше исклучителен банкар. Сепак, неговата банкарска кариера беше запечатена по неуспешната амбиција да ја купи Македонска банка. Тој се повлече од јавноста, но беше активен во бизнисот како застапник на повеќе компании.
Така, во 2003 година во изјава за хрватските медиуми, Трпески како извршен директор на компанијата „Инекс Горица“ која била во посед на бугарската ЕМГ Финанце на контроверзниот Илија Павлов зборува за обновата на дубровничкиот хотел „Либертас“ и цавтатскиот „Македонија“ (поранешно одморалиште на македонското Собрание). Хотелите претходно биле купени од подружницата на мултикорпорацијата чие седиште било во Загреб и каде што Трпески престојувал две години.
Во меѓувреме, тој беше актуелен во јавноста и во 2002 година, на 13 септември, два дена пред изборите, кога преку отворено писмо до тогашниот министер за финансии Никола Груевски, реагираше на она што подоцна стана еден од најголемите скандали во самостојна Македонија – ставањето под партиска капа на Македонска банка и подоцнежното нејзино продавање на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини и низата настани кои доведоа до одземање на дозволата за работа на банката.
Во писмото, Трпески му напиша на тогашниот министер за финансии и претседател на Комисијата за хартии од вредност:
„Господине Груевски, Ви се обраќам во мигот кога Вие и Вашата политичка опција ВМРО-ДПМНЕ се обидувате и должни сте да дадете отчет за тоа што го правевте и тоа што планирате да направите, барајќи уште еден мандат. Ви се обраќам бидејќи сметам дека е мое граѓанско право, па и цивилизациска обврска уште еднаш на истекот на Вашиот мандат јавно да Ви се обратам и Ви укажам на неколкуте непобитни аргументи за случајот Македонска банка“, се вели меѓу другото, во неговото обраќање во кое жестоко критикува за скандалите околу Македонска банка и улогата на ВМРО-ДПМНЕ во нив.
„Дали сметате дека статутот на вашата политичка опција е уставен, во делот кој предвидува партијата да основа друштва и да се занимава со бизнис, со цел да остварува профит. Дали, според Вашата струка и професија, тоа не значи директно поткопување на темелите на правниот поредок и слободната конкуренција и претприемништвото во државата, односно непочитување на правниот систем. Партија-бизнис-профит-капитал“, напиша тогаш Трпески, посочувајќи дека Груевски неуставно држел две јавни функции – министер во Владата и претседател на Комисијата за хартии од вредност, „кога Уставот на државата во која сте министер категорично забранува министер во Владата да може да извршува друга функција“.
Тринаесет години подоцна, случајот „Македонска банка“ и скандалите со неа во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се најдоа во една од бомбите кои ги обелодени СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев, по што името на Трпески одново се актуелизираше во медиумите.
„Изненаден сум зашто повторно се објави моето писмо до Груевски за Македонска банка“, изјави Трпески за „Фокус“, објаснувајќи дека надлежните институции треба да се произнесат за (не)автентичноста на аудио записот објавен од Заев, како и дека неговото јавно обраќање е од 2002 година, односно две години пред да се случи продажбата на акциите на банката во 2004 година кои се предмет на аудио записот.
Несомнено, иако овие настани се случија одамна, некои и пред повеќе од 20 години, Македонска банка остави траен печат врз неговата кариера.
Но, без оглед на ваквиот развој на настаните, Трпески очигледно не се предаде туку храбро влезе во бизнисот. Доказ за тоа се и поминатите 13 години во „Интеренерго“, реномирана фирма која се занимава со трговија со струја, но која последниве години амбициите ги прошири и кон инвестиции во делот на енергетиката, а кои во голем дел се и негова заслуга. (М.Ј.)