Ин мемориам: Кирил Ценевски е еден од најважните македонски режисери


Во Скопје вчера на 76-годишна возраст почина еден од најголемите филмски режисери во државата Кирил Ценевски.

Автор е на познатиот филм „Црно семе“, кој е и негово филмско деби. „Црно семе“ е приот македонски игран филм кој е наградуван на интернационални филмски фестивали, а со него Ценевски ги освојува и најважните награди на фестивалите во поранешна Југославија.

Од Друштвото на филмски работници најавуваат дека во следниот период ќе организираат настан за одбележување на ликот и делото на Ценевски.

Ценевски е роден на 28 јануари 1943 година во Крива Паланка. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје, а со киноаматеризам почнува да се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот„Цената на градот“ во 1970 година. Во 1971 година, го режира филмот „Црно семе“
Добитник е на наградата „Златен објектив“ за 2013 која Кинотеката ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а истата година е и првиот добитник на наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм што ја воспостави Друштвото на филмските работници.