Имунизацијата не смее да стане жртва на антиваксерите


Во Македонија две дози примиле 714 илјади граѓани, но вакцинацијата сега се одвива со темпото на желка (Фото: Б. Грданоски)

Во Србија денеска апсеа антиваксери заради поткопување на јавното здравје. Во Македонија нема апсења, но зачудувачки е што во времето кога болниците не можат да постигнат да ги примат сите новозаболени еден значаен дел од медицинските лица не сакаат да се вакцинираат

 

Билјана Богдановска

Откако за Ковид-19 експресно беа пронајдени вакцини, а секоја земја во светот се бори во што побрз рок да набави некоја од нив за борба против корона вирусот, се појавија бројни антиваксери секаде во светот.

Големо внимание кај нас денеска предизвика веста дека во Србија се апсат антиваксери. Српската полиција, по наредба на обвинителството, утрово ја уапси Јована Стојковиќ под сомнение дека сторила кривично дело предизвикување паника и немири со ширење лажни вести и објави на социјалните мрежи против вакцинацијата. Како што јавија српските медиуми, во голема полициска акција против таканаречените „антиваксери“, уапсени се пет лица, а ова е само почеток на акцијата за приведувања на антиваксери.

Стојановиќ е претседателката на движењето „Живеам за Србија“ и е лекарка, позната по своите антивакцинални ставови и ставови кои се во спротивност со сите официјални препораки и мислења на медицинската струка. Уапсени беа и нејзиниот сопруг, кој беше пуштен, но и нејзината сестра.

На масовната вакцинација која со месеци се обидува да ја спроведе Србија, откако прва во регионот успеа да набави вакцини од речиси сите постоечки против корона вирусот, најголема штета ѝ прават токму ваквите повици од лица кои се медицински образовани. Тие имаат бројни следбеници, а со тоа што пандемијата од Ковид-19 беше потполна непознатица за сите, па и за образованите на таа тема, информациите кои излегуваат во јавноста повеќе од една година се контрадикторни. 

Покрај тоа што Србија има доволни количества вакцини за кусо време да ги вакцинира критичните групи на постари граѓани, граѓани со хронични заболувања, медицински работници или вработени кои се во спотојан контакт со многумина, сепак дури и претседателот Александар Вучиќ, неколкупати ги молеше граѓаните да се вакцинираат, затоа што имунизацијата не оди според планот.

Антиваксери има и во Македонија. На социјалните мрежи редовно споделуваат информации, видеа, ставови на други антиваксери, убедувајќи ги луѓето дека вакцинирањето против корона вирус може да нанесе штета.

Така може да се прочита: „За да се стекни имунитет на стадото треба прво главното говедо да се боцни!“ или „сѐ дури не сфатите дека истите сили кои ја контролираат и менаџираат кризава околу пандемијата и кои ви нудат спас преку вакцина се истите оние кои го имаат склепано вирусот во лабораториски услови (истражи т.н gain of function studies); сѐ дури не сфатите дека т.н. антиваксери кои малку подобро ја разбираат темава одамна предупредуваа дека следи мандаторна вакцинација за возрасни која е напишана одамна во планот на Агенда 21 – 30, и дека оваа Ковид-19 вакцина е само почеток на она што следи преку т.н дигитален зелен пасош или пасош за имунитет кој се планира за влез и премин секаде внатре и надвор од земјата како и специјални QR кодови и читачи за таа намена небаре стока…“

Но, има примери дека и дел од медицинските лица во Македонија не сакаат да се вакцинираат, иако се во приоритетната група за вакцинација.

Некои матични лекари беа на мислење дека ним не им треба вакцина, затоа што како и со претходните заразни заболувања, во својата ординација тие се среќаваат со пациентите пред да ги препратат на инфективно, а со тоа полека се стекнуваат со имунитет за тие болести. На тој начин, беа убедени, ќе се стекнат со имунитет и за Ковид-19.

По големата загуба на животите на две родилки во Клиничкиот центар во Скопје од раководните лица на Гинекологија излезе информација дека само околу 20 отсто од медицинскиот када на таа клиника се вакцинирал. Некои тоа не го направиле затоа што прележале ковид, но други одбиваат да се вакцинираат што само по себе ја прави ситуацијата скандалозна

Неодамна на едно телевизиско гостување д-р Никола Пановски изјави дека тој ја примил првата доза на вакцината побрзо отколку што бил на редот, затоа што многумина негови колеги не сакале да се вакцинираат. Тој изјави дека не може да го разбере таквото однесување на здравствените лица. 

Во Италија од денеска сите здравствени и фармацевтски работници се задолжени да примат вакцина против Ковид-19 или ризикуваат да останат без работа. Влада на Марио Драги ја донесе оваа наредба за да го заштити медицинскиот и парамедицинскиот персонал бидејќи се појавија силни жаришта во некои болници каде вработените одбивале да се вакцинираат.

Кај нас, но и во огромниот дел европски земји, здравствените лица, особено лекарите не сносат никаква одговорност за тоа ако пропагираат антиваксерство во истото време кога болниците веќе пукаат по сите рабови поради пренатрупаност, а бројката на нови инфекции достигнува драматични размери. Здравствениот систем, во кој работат истите тие лекари антиваксери, веќе не може да го издржи притисокот. Да не зборуваме за големиот број починати.

Во повеќе земји во светот, особено во Европа, многу често можевме да видиме протестни собири на антиваксери, кои често завршуваа и со судири со полицијата, која се обидуваше да ги натера барем да носат маски и да одржуваат дистанца додека протестираат.

Франција отиде чекор понатаму, па во декември најави дека на луѓето кои одбиваат да се вакцинираат против новиот корона вирус може да им се забрани да користат јавен превоз во Франција. Тоа беше наведено во нацрт-законот што предизвика протест на опозициските политичари. Според тој закон, може да се бара негативен тест за корона вирус или доказ за превентивен третман од луѓето, вклучително и вакцинација, за да обезбедат пристап до транспорт или одредени локации, како и одредени активности.

Анкетите за јавното мислење покажуваа дека 55 отсто од Французите нема да се вакцинираат против корона вирус што беше едно од највисоките нивоа во ЕУ, но подоцна тој процент падна.

Кај нас нема протести на антиваксерите, но нивните приказни кои се тркалаат по социјалните мрежи го поткопуваат процесот на вакцинацијата. Државата треба да преземе посилна кампања што значи за целото граѓанство масовната имунизација. Само денешните податоци од двете земји кои отидоа најдалеку со вакцинацијата – Израел и Велика Британија – можат да бидат доволно добра водилка за кампањата што треба брзо да се спроведе. Во Израел се вакцинирани досега 55 отсто од населението (во тоа не влегуваат децата под 16 години кои се една третина од населението). Израел, земја од 9,5 милиони жители, денеска имаше само 302 нови случаи на корона и девет починати. Велика Британија, која исто така вакцинираше речиси половина од своето население (има 60 милиони жители), денеска имаше 4.478 нови инфекции и 51 смртен случај. Во Италија, која има сличен број на жители, но каде вакцинацијата бавно напредува, денеска 23.649 случаи и 501 починати. Во Италија до денес има вакцинирано 10 милиони жители со првата доза, но само три милиони со двете дози. Разликата е драматична. Тоа на најдобар начин ги покажува предностите на вакцинацијата.