„Импулс#волумен14“ на Скопје танцовиот театар во МКЦ


Вечерва, во Младинскиот културен центар, во 20 ч., ќе се одржи претставата „Импулс#волумен14“ на Скопје танцовиот театар. Претставата е составена од повеќе делови, во кореографија на Рисима Рисимкин, Дејан Битровски и гостиноткореограф, Шимон Кубан од Прага од Републикa Чешка.

Шимон КУбан, како кореограф, нашата публика можеше да го запознае преку неговата извонредна кореографија „База“ за танчерите на КОДАРТС, кои настапија во претставата „Таленти во движење“ на Јубилејот на Танц Фест 2019 година. Шимон Кубан има завршено студии за современ танц во Прага, а искуство како тенчер стекнува работејќи со повеќе компании во Чешка: Државната опера од Прага, Млад балет од Прага, Камерниот балет од Прага, Вортис танцовата компанија од Португалија, „Балет на Европа“ од Франција и други. Како танчер настапува во кореогрфаии на Јиржи Килијан, Вацлав Кунеш, Марио Радачовски, Вацлав Кунеш, Атила Егерхази, Ури Ивги, Јохан Гребен и др. Кубан креира нови оригинални кореографии за повеќе театри и компании од Чешка, за „Палука“ универзитетот од Дрезден, Германија, како и за Ротердамската танцова академија. Шимон Кубан престојува во Скопје еден месец, период во кој работеше со Скопје танцовиот театар и студентите на УГД, и кореографиите „Ноември“ и „Flesh & Bone“ се резултат на неговиот престој како резидент-кореограф за Скопје танцовиот театар.

Во првиот дел на вечерашнава претстава, публиката ќе има можност да ја види кореографијата насловена како Апстракт/Бои“, во кореографија на Рисима Рисимкин, специјално подготвена за танчерите-студенти на завршна година при Катедрата за современ танц на УГД: Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески и Тереза Лазарев. Костимите се на Благој Мицевски. Вториот дел насловен „Online“ е во кореографија на Дејан Битровски, а во него ќе настапи Анастасија Данчевска, танчерка на Скопје танцовиот театар, додека последните две кореографии „Ноември“ и „Flesh & Bone“ се во кореографија на гостинот Шимон Кубан и во нив ќе настапат танчерите на Скопје танцов театар: Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса и Џорџа Лили (стажантка од Италија) и студентите од Катедрата за современ танц при УГД Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Ивана Балабанова и Дамла Пинар Башар (Турција).

СКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР, основан во 2011 година, е првата официјална компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како оснивач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар во изминативе девет сезони има повеќе од триесет продукции, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на младите, веќе афирмирани кореографи: Адијана Данчевска, Матеа Киселичка, Дејан Битровски и др., како и на гостите-кореографи: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија. Скопје танцовиот театар во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, обезбедува пракса за студентите на Катедрата за современ танц, која е единствена во земјава, по својата програма за продукција на современи танчери, која се одвива во соработка со Ротердамската академија за танц од Холандија. Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017) и на „Културната сезона“ во Чуанџо, Кина на фестивалот „Mariytime Silkroad Festival“. На 09 и 10 фебруари 2018 година, Скопеј танцовиот театар гостуваше со претставата „КОЖА“ на најзначајниот фестивал за танц во Европа, „Holland Dance Festival“, а во август 2018 година, учествуваше и го затвори 37-то издание на фестивалот Battery Dance Festival во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Фестивалот за танц на Пекингшката академија за танц со кореографијата „Егзистирање“. Работатa на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје, како и центарот Зебра.