Имињата што ги објави Каракачанов се лаги, тврди ВМРО-ДПМНЕ
Иако Красимир Каракачанов никаде не споменува во својот пост на Фејсбук дека лицата што зеле бугарски пасош се политички личности од Македонија, ВМРО-ДПМНЕ се најде повикано веднаш утринсва да испрати реакција насловена како „Демант на лагите на Каракачанов“. Партијата тврди дека знае оти ниеден од нејзините функционери немал бугарски пасош.
Во соопштението се вели дека „ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест“. Уште се додава дека оваа постапка на Каракачанов била поради политиката што ја води ВМРО-ДПМНЕ. „Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја“.
Каракачанов тврди дека „копајќи по податоците од бугарските општини“ додека одмара меѓу два настани во кампањата за изборите, ги сретнал имињата на Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, Стефан Андоновски, Александар Пандов, Љупчо Димовски, Филип Петровски… Некои од нив ги знаел лично и тие „тајно живееле за мајка Бугарија“.
Објавувањето на имињата ВМРО-ДПМНЕ го поврзува со Зоран Заев, тврдејќи дека тоа била фрлена гума за негов спас поради набавките на вакцините и софтверот на Драги Рашковски. „Лагите кои денес Каракачанов ги лиферуваше на својот Фејсбук профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата влада не ги спасува ништо од сѐ поизвесниот крај, ниту спиновите, ниту лагите на Каракачанов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ (Н.В.)