Имињата на училиштата го продлабочија јазот меѓу СДСМ и ДУИ


Во кампањата за изборите се користи сѐ, па и називите на училишта. ДУИ постојано се обидува да се претстави како единствен вистински бранител на албанските интереси, па сношти министерот за образование Арбр Адеми на својот профил на Фејсбук напиша дека ги потпишал потребни акти двете училишта во општина Чаир во Скопје да се преименуваат. Адеми го објави и записот од Централен регистар според кој училиштето „Никола Вапцаров“ сега се вика „Имри Елези“, а „Рајко Жинзифов“ е преименувано во „Исмаил Ќемали“.

Оваа постапка го налути претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој изјави дека промената на имињата на двете училишта во Чаир е спроведена низ незаконска постапка.

„Централниот регистар мора да ја коригира веднаш затоа што не постои одлука на Советот на општина Чаир. Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да постапат според закон“, изјави Заев.

Случајот со училиштата датира уште од 2012 година кога општина Чаир постави и табли со новите имиња на училиштата, но тогаш Министерството за образование и наука не даде согласност за преименување. Заев сега бара да се проверела докуменатацијата за начинот на кој била донесена одлуката и дали тоа било направено според закон. (Н.В.)