Имигрантите денес сочинуваат десет проценти од популацијата во Франција


На основа на истражување направено во 2021 година, се дошло до податоци дека секое десетто лице кое живее во Франција е родено во странство, објави во четвртокот националната статистичка агенција „INSEE“, во своето прво истражување за имиграцијата во последните 10 години, пренесува „AFP“.

Речиси седум милиони луѓе, или 10,3 проценти од сите луѓе во Франција таа година биле имигранти, што значи дека се родени како странци во странска земја, се наведува.

За споредба, 6,5 проценти од француските жители доаѓале од странство во 1968-ма година, се додава.

Повеќе од третина имигранти во Франција во 2021-ва година стекнале француско државјанство.

Доселениците и нивните потомци во главно се вклопиле во општеството, а многумина веќе имаат и мали деца родени во Франција, покажало истражувањето.

До третата генерација, девет од десет лица имале само еден или двајца баба и дедо кои емигрирале во Франција.

Миграциите придонеле за разновидниот состав на земјата, рекла Силви Ле Минез од агенцијата за статистика.

„Третина од француското население има врска со имиграција во текот на три генерации“, рекла таа.

Додека имигрантите пред половина век во главно доаѓале од јужна Европа, во 2021-ва година, многу од нив пристигнале од Северна Африка, потсахарска Африка и Азија, рекла Ле Минез.

Повеќе од 12 проценти од мигрантите се со потекло од Алжир, исто така 12 проценти се од Мароко и четири проценти се од Тунис, се наведува во истражувањето.

Повеќе од 8 проценти пристигнале од Португалија, четири проценти од Италија, а повеќе од три проценти од Шпанија и Турција, се додава.

Нешто повеќе од половина од сите имигранти биле жени.

Повеќето се населиле во големите градови, вклучувајќи го главниот град, каде се наоѓаат една петина од населението доаѓа од странство.

Ле Минез изјавила дека и покрај растот на имиграцијата во последните неколку години, Франција и натаму е во Европскиот просек, но зад Германија и Шпанија.