Именуван нов командант на Револуционерната гарда во Иран


Иранскиот корпус на Револуционерната гарда (ИРГЦ) именуваше нов главен командант, Ахмад Вахиди, јави Би-Би-Си.

Претходниот командант, генерал Мохамед Пакпур, беше убиен во вчерашните израелско-американски напади врз Иран.

ИРГЦ е главна воена, политичка и економска сила во Иран и е одвоена од редовната армија на земјата.

Ахмад Вахиди претходно бил министер за внатрешни работи и министер за одбрана. 

истовремено, генералниот секретар на иранскиот Совет за безбедност, Али Лариџани денеска се закани дека ќе ги нападне САД и Израел со сила која досега не е видена, по нивните напади врз Исламската Република во кои беше убиен врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи.

„Вчера Иран испука ракети кон САД и Израел, и тие заболеа. Денеска ќе ги удриме со сила каква што никогаш претходно не доживеале“, изјави Лариџани во објава на Х.

Претходно тој изјави дека плановите на САД и Израел биле „осуетени“.

„САД и Израел направија погрешна проценка и имаа за цел да предизвикаат немири и промена на власта во Иран преку целни напади врз воени објекти и убиства на високи функционери“, го цитираше Лариџани државната новинска агенција ИРНА. 

 Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека убиството на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи во американските и израелските напади претставува „објава на војна против муслиманите“.

„Атентатот на највисокиот политички авторитет на Исламската Република Иран и истакнат водач на шиитизмот ширум светот … се доживува како отворена објава на војна против муслиманите, а особено против Шиитите, насекаде во светот“, вели Пезешкијан во изјавата пренесена од државната телевизија.

Тој додава дека одмаздата за убиството на Хамнеи е право и обврска на Исламската Република.

„Исламската Република Иран го смета за своја легитимна должност и право да им се одмазди на сторителите и на мозоците на ова историско злосторство“, вели Пезешкијан, пренесе Тајмс оф Израел.