„Имав тага во галони“. Лила ја раскажа борбата со ракот на дојка

Значи чувствата се тие што се причина за многу болести кај нас и јас знам точно тоа од каде ми потекнува, рече синоќа, нашата позната водителка, на промоцијата на автобиографска книга „Ти си таа“ на Ана Дорник, српска хуманитарка


Во хотелот „Александар палас“ синоќа, гостите имаа можност одблиску да ја запознаат популарната српска хуманитарка и инфлуенсерка Ана Дорник, жената која се има изборено со ракот и со својата работа им помага на многу жени да се справат со борбата со оваа болест.

Таа ја промовираше својата автобиографска книга „Ти си таа“, а гостинка на настанот беше водителката Лила Филиповска. Лила за првпат во емотивен говор ги раскажа деталите за нејзината борба со ракот.

Ана ја најави Лила како најпознато ТВ лице во Македонија и изјави дека Лила, како и таа самата, се доказ дека ракот на дојката е победлив.

„Ќе ја споменам и покојната Исидора Бјелица, која мене ми е многу драга, којашто викаше: „Се хранам здраво, живеам здраво, позитивна сум, се дружам со луѓето, меѓутоа имав тага во галони“. Значи чувствата се тие што се причина за многу болести кај нас и јас знам точно тоа од каде ми потекнува.

Бев лута сама на себе затоа што сум „контрол фрик“ и во моите 50 години освен прележан ковид немав никаква друга болест, ниту притисок, ниту холестерол, никаков проблем и после така здрав живот бев лута дури и за ковидот, кој го прележав тешко.

И знам од каде потекнува тоа… Од мојата тага по мојот татко од чија смрт веќе 10 години се поминати.

Јас не можев и сè уште не можам да се изборам со таа тага, а мора. Имам живот, имам дете, имам мајка, јас навистина знам дека сѐ почна од таа тага, којашто знам дека ја имам во галони и со која не можам да се справам и затоа сум лута сама на себе.

Морав да се потрудам да го прифатам тоа што се случи и уште ми е така тешко.

 На својот Инстаграм профил Лила сподели фотографија со писателката и напиша:

Понекогаш ќе паднам. Тоа е животот. Станувам и уште посилно се залетувам. Тоа е карактер!Мојата сестра по дијагноза и фризура @anadornik напиша книга Ти си таа и треба да ја има секој кој на било кој начин има некаква врска со ракот на дојка!!! Инспирира и помага. Благодарам на поканата и можноста да ја споделам својата приказна ! И да не заборавите ние сме доказ дека …ракот НЕ Е НЕПОБЕДЛИВ.

Лила вели дека една од причините за тоа што ѝ се случило е и фактот што ретко плаче.

„Плачете, треба да плачете, поубаво е чувството, јас не плачев од инает, си велев ништо не ми е, не сум болна“, рече водителката.

Сепак, откри дека во целата ситуација плачела само двапати, после два дена од операцијата. 

„Првиот пат плачев кога со подвижна инфузија се движев во ходникот и се прашав „Како јас си го дозволив тоа“, и вториот пат кога докторот ми кажа дека косата ќе ми падне. Јас цело време се надевав дека ќе измислат некоја хемотерапија од која нема да паѓа коса, бидејќи цел живот сакам многу долга коса. И кога ми кажа докторот дека не постои магична хемотерапија и дека кај жените заболени од рак на дојка обавезно паѓа косата, тогаш се случи моето второ плачење.

Меѓутоа докторот ме утеши и ми кажа дека од сето ова ќе излезе нешто добро, а доброто е тоа што сум сега тука заедно вас.

Четвртиот и петиот ден јас со дренови во џебовите веќе шетав низ Истанбул по продавници, нагрната со бунда, и си велев ништо не ми е, не сум оперирана. Но, кога ми падна косата, ми требаше време, не сакав да ја споделувам тагата со никкого, едноставно не ми се правеше муабет за тоа.

Сега после сѐ, јас сум истата таа Лила, само што сега имам малку повеќе време за себе“, откри Лила, додавајќи дека смета оти е доволен доказ дека болеста која и да е, не смее да се доживува.

„И успеав и до последен момент луѓето да не веруваат дека носам перики, додека јас пред месец дена не кажав со што сум се соочила, дека мојата коса падна, но и порасна. И тоа е уште еден доказ дека жени како мене и Ана Дорник, и покрај сериозната дијагноза, како велат, со умот поместуваат и планини“, рече Лила, која меѓудругото навести дека во иднина планира како Ана Дорник на некој начин да им помага на жените кои се борат со канцер на дојка, да им биде поддршка, мотивација за истрајност.

 

Поддршка за македонското претставување Ана Дорник доби од Здружението ЕЗРА.

Автобиографската книга на Ана, „Ти си таа“ е создадена со цел да се стекне поголема свесност за раната превенција, едукација и поддршка во лечењето како и за секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените, кои се борат со оваа болест. Лична приказна, која служи како пример и поттик за општествена промена. За својата безпоштедна хуманитарна работа Ана Дорник ја добила наградата за животно дело на министерството за здравство на Србија, како и други награди кои се признание за нејзините заложби за општествена промена.