„Имаш ли некоја слободна фирма?“: Технологијата на богатењето и криењето на трагите на парите

Сведочењата на последните рочишта во „Плацеви на Водно“ наеднаш почнаа да ја разоткриваат целата технолгија на функционирањето на светот која врти многу пари


(Фото: Б. Грданоски)

Последниве две рочишта од случајот познат како „Плацеви на Водно“ како ниедна истрага досега на обвинителството ја прикажаа целата технологија на функционирањето на оние што имаат пари во Македонија и начините како нив да ги скријат, исперат и да ги вратат во промет преку фиктивни фирми. Огромниот дел од граѓаните тоа не може ни да го разбере, ниту да ги поврзе конците и да ги стави во некаква мрежа, но тие што го прават тоа изгледа како да им е вообичаена секојдневна работа.

Прво Орце Камчев на минатото рочиште фрли „бомба“ во судницата објавувајќи дека Никола Груевски добил три стана со вкупна површина од 750 квадратни метри во замена за земјиштето на Водно во комплексот „Панорама резиденс“, кој се надвиснува како тврдина над Скопје од долните падини на Водно. И дека клучевите од тие три стана ги чува Мето Стојчевски, маж на неговата сестра Кристина. Ова, се разбира доколку е точно, беше почеток на разоткривањето на механизмите на дејствување на македонската „олигархиска мрежа“.

Денешното сведочење на Мето Стојчевски (кој во своето портфолио има и градежен бизнис) дополнително ги разотокри овие механизми. Ова сведочење беше повозбудливо и поинтригантно од сите обвинителски списи. Стојчевски објасни дека двата од тие огромни станови биле во поткровјето, а третиот во сутеренот на зградата. И дека тие се водат на името на фирмата „СС инвестмент“, чиј сопственик е тој. Но, иако тој е сопственик на фирмата, а становите се на фирмата, тој не мисли дека ги поседува тие станови. Тој ја презел фирмата од неговиот партнер бидејќи немала никаква активност. Но во одреден момент дошло времето да се употреби.

Што кажа Стојчевски:

„Во еден неврзан муабет господинот Сашо Мијалков ме праша дали имам некоја слободна фирма. Го прашав зошто, а тој рече дека не е битно. По еден месец, можеби и повеќе, партнерот излезе од таа фирма, јас влегов во неа и во неврзан разговор му спомнав на Мијалков дека имам фирма, му реков ‘ако ти треба, што ти треба, кажи’. Тој рече добро, и после пак на некое седнување ми рече ‘може ли да се искористи таа фирма’. Јас прашав за што е, а тој рече дека не е битно. Му реков ‘не може да не е битно. Ако јас стојам зад неа, морам да знам за што е’. Ми рече ‘се работи за некаков имот на Никола Груевски, но не е битно. Ако биде биде, ако не, ништо’.

Во 2020 година, кога се заврши ‘Панорама’ како објект и се добија имотни листови, Камчев ми се јави и ми рече дека треба да се купат уделите од ‘Панорама’. Ми рече – ‘со парите што ќе ги добиеш од уделите ти ќе купиш станови’. Така ‘СС инвестмент’ во 2020 година се стекна со три стана и неколку гаражни места. Клучевите од становите не се кај мене, без оглед што становите се на мојата фирма. Би требало да се кај чуварите на објектот“, рече Стојчевски.

На минатото рочиште Камчев тврдеше дека клучевите од тие станови биле токму кај Стојчевски.

Човекот околку кого се врти целиот процес – Никола Груевски – како и пред неколку дена и денес се јави со инстантен одговор „фрлајќи оган“ од Будимпешта преку Фејсбук, оквалификувајќи ги сведочењата како „апсурд, глупости, неправда“. Доколку овие искази се точни тоа е целосно расоблекување на Груевски, неговото владеење и енормните користи што ги прибавувал за себе. Тоа изгледа го избезумува Груевски кој дигитално се обидува да го спречи текот на настаните, но тоа може да не е доволно успешно неговата бегалска дистанцираност. Тој му префрли на Камчев дека може да им ги даде и болницата и банката за да си ја купел слободата, но да не го мешал него (Груевски) бидејќи тој бил под политички прогон.

Што напиша Груевски во брзото писание:

„Јас немам против Јордан (Орце) Камчев – не станови во вредност од 1,3 милиони евра, туку и 5 милиони евра да им даде, ако сака и болницата и банката нека им ги даде за да си ја купи слободата, но нека не ме меша мене таму каде знае дека не сум имал ништо и нека не им ги потврдува лажните конструкции со кои власта која врши политички прогон против мене по секоја цена сака да ме прогласи виновен, за нешто со што немам никаква допирна точка.

Веќе се наѕира конструкцијата која Јордан (Орце) Камчев и обвинителката Лиле Стефанова во последните 2-3 недели ја направиле со следните цели:

– Обвинетиот бизнисмен Јордан Камчев без никаков основ и доказ набедувајќи ме мене да помине со блага казна, но без ново одење во затвор по овој предмет; слично да помине и неговата мајка Ратка Камчева, неговиот вработен извесен – Нено Јосифовиќ, како и Ристо Новачевски, според зборовите на Камчев дадени во обвинителството – негов долгогодишен пријател и бизнис партнер, кој според Камчев со години секојдневно одел во неговата болница и им продавал лекови како трговец со лекови. (Ристо Новачевски беше мој венчален кум во мојот прв брак од 2001 до 2005 година, но очигледно дека потоа откако заради мојата презафатеност се оддалечивме, се продлабочило неговото пријателство и бизнис релации со Јордан Камчев).

– На Орце Камчев да му биде помогнато во друг предмет каде позициите му се лоши и каде Камчев треба да биде извлечен.

– Мене да ме прогласат за виновен, да ми дадат затворска казна и да прогласат дека ми заплениле имот кој всушност е имот на Орце Камчев на име на неговиот зет од сестра – Мето Стојчевски.

Ми чувале станови? Како тоа јас толку години да не знам дека некој ми чува станови? И ако веќе требало да ми дадат пари, зошто не пари, туку станови и тоа на име на зетот на тој кој наводно ми должел“, вели Груевски.

Доколку судењето продолжи со повеќе рочишта има голема шанса јавноста да дознае уште детали за технологијата на работата на богатите и моќни луѓе кои стекнуваат со пари, а потоа тие на некаков начин испаруваат, за потоа подоцна пак да се појават. (Н.В.)