Имам право на свое мислење за Рашковски, вели премиерот
Откако во интервјуто за магазинот „Фокус“ изјави дека поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски не ја злоупотребил функцијата, премиерот Зоран Заев денеска во Собранието рече има право јавно да каже свое мислење, но дека крајниот збор го има судот.
„Имам право јавно да кажам и свое мислење за работа на независна инстутуција. Не мора да се согласувам со обвинителката и со тоа што таа го тврди, можам да се согласувам сто пати за сто случаи, за два-три или четири не можам и не морам да се согласувам. Но крајниот збор секако го има судот, но сум должен да ја почитувам. Во слобода јавно се коментира и јавно се кажува секој што мисли, и тоа е доказ дека заврши времето на раководење и управување со обвинителствата и судовите. Секако, никој не е виновен додека не му се докаже вина со правосилна судска пресуда, како што никој не е изземен од законите и од одговорност, без разлика дали припаѓа на власта, на опозицијата или воопшто не е политички определен“, рече Заев одговарајќи на прашање на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервјуто за „Фокус“ Заев оцени дека Рашковски не е виновен во моментов, туку ќе биде виновен доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба. „И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи, вели Заев за „Фокус“, но вели дека неговото мислење не го обврзува судот.