Има проблеми во односите меѓу некои луѓе, призна Ахмети
Лидерот на ДУИ денеска по средбата со членовите на „огнената група“ призна дека има одредени меѓучовечки односи во партијата кои не се добри. Но, рече Али Ахмети, не во целина, туку се одредени луѓе. Ахмети рече дека тие односи треба да се поправат, но не кажа ни какви се тие проблеми ниту како ќе се решаваат.
„Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, ограноците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции. Нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија“, рече Ахмети.
Според него, средбите се конструктивни и треба да постои дебата. Денешната средба со ограноците од Сарај и Чаир поминала добро и рече дека ништо не е непоправливо.
„Меѓучовечките односи се над сѐ. Функциите доаѓаат и си одат. И во семејството имате кавги и никој не може да каже дека има идеални односи, може да се случат и несогласувања. Но, да најдеме енергија да ги надминеме овие несогласувања бидејќи ни претстојат големи цели“, рече Ахмети.
Пратеникот Изет Меџити по средбата порача дека остануваат на нивните барања кои беа изнесени во писмото кое минатиот викенд го објавија незадоволни членови и функционери. Тој рече и дека како што ДУИ може без нив, така може и без Артан Груби.