Има ли зависни меѓу независните кандидати?
Се случува процес на прочистување на политичката сцена и на самите партии кај нас, смета Марко Трошановски по објавувањето на информацијата дека има 32 независни листи за изборите и уште за 33 се собираат потписите. Очекуваме голема поддршка на изборите, возврати Драгана Велковска од „Зелен хуман град“, посочувајќи дека никогаш досега во историјата немало толкав процент на неопределени гласачи во Македонија, што е знак дека на граѓаните им е преку глава од партиите.
Слободанка Јовановска
Максим Димитриевски, Данела Арсовска, Ѓулистана Марковска, Жика Стојановски, Љубомир Јосифовски, а веројатно и Саша Богдановиќ се последните неофицијални кандидати што ќе се тркаат како независни на локалните избори. Фактот дека експонирани партиски кадри им вртат грб на своите партии,а од друга страна етаблирани партии се кријат зад независни кандидати, отвора дилема дали се создава автентична „трета опција“ во државата или пак таа се лажира, за да се мотивираат незадоволните да гласаат верувајќи дека имаат опција. Уште поважно прашање е дали можеби со ваквото масовно одење на избори со независни листи се сака де се издевалвира автентичната независна политичка сцена, која за првпат вака силно и фрли ракавица на монополизираната политичка елита во земјата. Според последните податоци досега се доставени 32 независни кандидатури за градоначалници и за советнички листи, а се собираат потписи за уште 33.
Според оценката на Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, факт е дека досега немало волку голем број на независни кандидати и листи на избори во Македонија.
-Се случува некој процес на прочистување на политичката сцена кај нас, процес кој е историски по повеќето години на разочараност на гласачите од политичките партии. Наедно се случува и внатрешно прочистување на партиите поради отсуството на демократски процедури за избор на кандидатите за градоначалници и советници, смета Трошановски. Според него неопределеното гласачко тело не се идентификува веќе со партиските понуди, разочарани се од нив и сето тоа се артикулира во граѓански иницијативи како овие во Општина Центар, во Битола, во Тетово, со „Зелен хуман град“ во Скопје … Тој не смета дека ова е македонска верзија на трета опција на изборите.
-Рано е да се зборува за трета опција. Монополот на политичките партии ќе биде предизвикан на изборите, но изборниот систем е така скроен да ги поддржува и натаму главните политички партии. Ова се, сепак, здрави алтернативи на нив, вели Трошановски.
Тој не е сигурен дали преговорите на главните политички партии за отворени листи беа искрени или намерно блокирани, за да се стекне впечаток дека тие сакаат да одговорат на барањата на гласачите да го демократизираат изборниот процес, но некој ги спречува во тоа. Но, факт е, вели тој, дека се одолговлекува тој процес, дека не се испорачуваат демократските реформи и дека независните иницијативи се одговор на тоа. Сепак, неговите очекувања не беа големи бидејќи смета дека влијанието на независните кандидати на политиката и на функционирањето на општините ќе биде подолготраен процес.
-Тоа ќе биде подолгорочен процес, но ќе значи подобрување на политичката понуда во споредба со кадрите кои доаѓаат на вакви функции и водат вакви ресори поради партиска лојалност.Од некаде треба да се почне, треба да има други опции. Но, мора да се знае дека моќта е во советите на општините, а не во самите градоначалници и затоа тој процес треба да биде поддржан од граѓаните. Советниците фактички ги водат локалните политики, гласаат за одлуките и ги контролираат градоначалниците. Затоа сите политички партии ги преставуваат само градоначалниците, а не и советниците, кои се ставени на листите за да бидат гласачки машини, вели Трошановски. Од таа причина, посочи тој, се многу важни отворените листи.
Иако не ја отфрла можноста дека зад некои од независните кандидати се кријат партиите кои сакаат да ги привлечат или одвлечат од некого неопределените или разочарани гласачи, и иако смета дека целиот изборен систем е скроен да ги обесхрабри тие што се навистина независни, на напливот од независни кандидатури гледа многу позитивно.
-Не очекувајте совети во кои независните кандидати ќе имаат одлучувачка улога, иако во Општина Центар има поголеми шанси да се случи тоа. Самата шанса да има 3 до 4 независни советника ќе даде поголем увид во тоа како функционираат општините. Доволни се три, два, па и еден советник од независните за да направат некаква промена или барем да посејат семе на промена“, оцени Трошановски.
Драгана Велковска од иницијативата „Зелен хуман град“, пак, посочи дека никогаш во историјата на Македонија како држава немало толку голем процент на неопределени гласачи и затоа очекува голема поддршка на изборите.
-Ние немаме машинерија зад себе, немаме начин како да ги натераме луѓето да излезат и да гласаат за нас, па дури и да организираме собирање на потписите. Самиот факт дека во рекорден рок, за само 6 дена, собравме околу 1.200 потписи, со сите пречки со кои се соочувавме, е знак дека на луѓето им е дојдено преку глава од актуелните партиски понуди, вели Велковска.
На прашањето зошто решиле токму сега да се кандидираат на изборите со ваква иницијатива таа вели:
-Излеговме бидејќи активистите кои се дел од иницијативата „Зелен хуман град“ со години придонесуваа за подобрување на нашето општество и притоа на секаков можен се обидуваа да соработуваат со политиката, за да се вклучат наши или предлози на граѓаните со кои ќе им се олесни животот. Место тоа, во предизборието се ветуваше, по изборите ништо не важеше повеќе. Тоа континуирано децениско изневерување на нашата доверба кулминираше сега, бидејќи стана очигледно дека партиите не се канал за пренесување на пораките на граѓаните. И, решивме затоа дека мора да влеземе во локалните совети и на тој начин да им гарантираме на граѓаните дека ќе бидат целосно отворени таквите тела, бидејќи во моментов ништо не се знае за работата на Советот на Градот Скопје, па дури и се прекршува статутот и не се објавува дневниот ред на седниците. Моите барања за отвореност наидуваа на одбивање и игнорирање, така што граѓаните буквално немаат никаков увид во работата на органите што божем ги преставуваат нив. Немаме друг начин да ги отвориме сега,објаснува Велковска.
Околу фактот дека долгогодишни партиски функционери сега одат на избори како независни, таа смета дека големите политички партии ќе се обидуваат да се престават како слични на нив за да ги збунат гласачите. Практично, смета таа, откако најавиле дека ќе излезат со независни листи, партиите се обидувале со недемократски методи да ги спречат во тоа, а пред се преку неуспешниот обид да го сменат бројот на потребните потписи. До каде се подготвени да одат, таа го илустрираше со изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој порачал дека неговите советници ќе се борат за политиките на „Зелен хуман град“ иако со години додека биле на власт придонесувале за уништување на градот Скопје, што е видливо сега. И тоа, вели таа важи за сите партии, не само за оваа, чии советници како да учат една од друга и стануваат се полоши, но поуспешни во ограбувањето на граѓаните. Сега, вели таа, се обидуваат да ја манипилираат јавноста и да се престават во нешто што не можат да бидат.
-Разликата меѓу нас и нив е што во „Зелен хуман град“ членуваат активисти и волонтери кои со години држат до своите принципи и се критичари на власта . Да сакавме да бидеме со едната или со другата партија, ќе бевме нивни членови. Ние не сме неспособни и не зависиме од партиските вработувања. Сите сме во приватниот сектор, не сме зависни од никого, сами си обезбедуваме опстанок, а целото слободно време го трошиме во подобрување на животот во Скопје, вели таа на прашањето како ќе гарантираат дека ќе останат независни откако ќе бидат избрани. Притоа, возврати со прашање:
-Дали познавате воопшто некој член на политичка партија кој со години волонтира за општо добро во која било сфера? Ве уверувам дека нема таков.