Има ли уште секс во градот: Кендас Бушнел со нова книга за жени во 50-тите

Во серијата за четирите пријателки, кои рушеа табуа на теми како секс, брак и пари, имаше состаноци, свадби, бебиња, раскинувања, вселувања, неверства, запросувања, солзи, насмевки и многу, многу разговор за секс. Сега ќе има уште повеќе.

Според E News, Paramount TV и Anonymous Projects ги откупиле правата за новата книга на Кендaс Бушнел што ќе излезе во август годинава под наслов „Is There Still Sex in the City?“ (Има ли уште секс во градот?). Бушнел е авторка на оригиналниот серијал книги „Sex and the City“ по кои беше снимана серијата.

Во книгата и планираниот ТВ-проект ќе се анализираат жените, сексот и врските vo 50-тата година од животот.

-Не беше секогаш вака. Порано, 50-тите значеа влегување во фаза кога се подготвуваш за пензионирање – работиш помалку, се посветуваш на некое хоби, поминуваш повеќе време со пријателите, кои исто како тебе, се сведуваат на многу поопуштен животен стил. Накратко, од луѓето во пензионерски години не се очекуваше да прават ништо друго освен да продолжат да стареат и да се дебелеат. Од нив не се очекуваше да вежбаат, да почнуваат нови бизниси, да се преселат, да имаат секс без обврски, да го почнуваат животот одново. Токму така денес изгледа живото на многу 50 и 60-годишни жени и возбудена сум што ќе понудам поглед во нивната богата, комплексна реалност, преку пишан збор, а сега и на малите екрани“, изјави Бушнел.

Уште не се знае кој ќе ја сочинува актерската екипа за новиот ТВ-проект, но најверојатно нема да ја видиме пак оригиналната четворка: Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон, Кристен Дејвис и Ким Катрал.