Има ли спас за канцеларот Фридрих Мерц?

Германскиот канцелар не сака да ја отстапи улогата на лидер на неговата партија ЦДУ. Коалициските партнери, социјадемократите, се во сопствен вител


Тажното лице на Фридрих Мерц во ноќта на изборниот пораз (Фото: АП)

 

Фридрих Мерц изјави дека има намера да остане на чело на Германија и на својата партија по низата порази на покраинските избори. Сепак, нејасно е колку простор за маневрирање му преостанува на канцеларот, само 16 месеци откако ја презеде функцијата.

Веднаш по затворањето на гласачките места во неделата во Мекленбург-Западна Померанија и во Берлин, 70-годишниот политичар се обиде да ја зацврсти својата позиција во својата демохристијанска партија (ЦДУ) од десниот центар. Тој се појави во јавноста во текот на изборната вечер – потег што е крајно невообичаен – за да нагласи дека ќе продолжи со реформите чија цел е да се поттикне забавената економија.

„Она што мора да се направи сега бара цврстина, постојаност и трпение“, рече Мерц. „Тоа ќе го покажам како лидер на ЦДУ и, пред сè, како канцелар на нашата земја“.

Големото прашање е дали ЦДУ ќе го поддржи во тоа и колку долго.

Осумте покраински премиери од редовите на партијата јавно го поддржаа пред двата изборни процеси што се одржаа во неделата. Сепак, изјавата на Мерц дадена токму во неделата укажа на слабеењето на неговиот авторитет во изминатите недели, а останува да се види дали поддршката од влијателните регионални лидери и пратеници ќе опстои.

Тајна средба на врвот на ЦДУ

Покраинските премиери од ЦДУ и некои од претседателите на партиските ограноци во сојузните покраини се состанаа на консултации во неделата вечерта, без присуство на канцеларот и партиски лидер Фридрих Мерц. Според информациите на Германската новинска агенција (ДПА), тие разговарале околу два часа во просториите на претставништвото на покраината Рајнска област-Пфалц.

На средбата присуствувале седум од осумте покраински премиери, како и претседателите на партиските ограноци во Баден-Виртемберг и Долна Саксонија. Оваа група претходно учествувала на состанокот на партискиот извршен одбор со Мерц, одржан во седиштето на партијата.

Мерц има една предност: нема ниту еден очигледен наследник кој чека во позадина. Меѓу потенцијалните имиња што се спомнуваат се премиерите на сојузните покраини Северна Рајна-Вестфалија (Хендрик Вист), Баварија (Маркус Зедер) и Хесен (Борис Рајн).

Сепак, засега никој не покажал интерес за преземање на функцијата, а Вист следната пролет го очекуваат избори во неговата покраина, која е најнаселена во Германија.

Резултатите од неделата можеби нема да бидат фатален удар за Мерц, но нискиот рејтинг, непопуларните реформи и триумфот на АфД на претходните покраински избори во Саксонија-Анхалт ја доведоа неговата иднина во неизвесност.

„Сега ќе биде уште потешко за сојузната влада да собере храброст и политичка поддршка за програма за темелни реформи“, изјави за Ројтерс Марсел Фрачер, претседател на истражувачкиот институт ДИВ од Берлин.

Ако партиите од владејачката коалиција се држат до своите „црвени линии“, рече тој, „политичката парализа ќе се вкорени, економската слабост ќе опстои, а веројатноста за изборна победа на АфД во 2029 година дополнително ќе порасне“.

Популарната премиерка на покраината Мекленбург-Западна Померанија од редовите на СПД, Мануела Швезиг, го подобри својот рејтинг пред гласањето во неделата преку отворени критики и кон АфД и кон реформите на сојузната влада предводена од Мерц.

Швезиг исто така изјави дека АфД освоила гласови критикувајќи ја германската поддршка за Украина. Таа претходно ги поддржуваше гасоводите „Северен тек“, преку кои рускиот гас стигнуваше до Германија токму преку нејзината покраина на брегот на Балтичкото Море, сè до нивното уништување во 2022 година, но подоцна го промени својот став.

„Како прво, во мојата покраина, многу луѓе се противат на поддршката за Украина, како финансиската, така и воената“, рече таа. „И второ: многу луѓе исто така сакаат повторно да видат проток на енергенси низ ’Северен тек‘“.

Германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл, кој е и лидер на СПД, навести дека сака промена на курсот, посочувајќи на загриженоста на гласачите во врска со пензиските реформи.

Но, Мерц, напротив, уште посилно се заложи за реформска агенда за која тврди дека ќе го оживее бавниот економски раст во најголемата европска економија.

„Овие реформи се противотров за авторитарниот отров што сè подлабоко навлегува во нашето општество, поттикнат од привлечноста на авторитаризмот“.

Во Мерц нема доверба

Изборите во Мекленбург-Западна Померанија – претежно рурална сојузна држава во поранешниот комунистички исток – и во Берлин, доаѓаат по изборите од 6 септември во Саксонија-Анхалт, каде што партијата АфД беше блиску до реткиот успех да освои апсолутно мнозинство.

За нешто повеќе од една деценија, партијата – која се залага за строги мерки за депортирање на странци без право на престој во Германија, обновување на енергетските врски со Русија и напуштање на еврото – се трансформираше од маргинално евроскептично движење во најпопуларна партија во земјата.

Избран минатата година со ветување за реформи за враќање на стагнираната економија на Германија кон раст, Мерц се бори да ги освои гласачите, бидејќи низа грешки во комуникацијата послужија за зголемување на незадоволството поради непопуларните реформи во пензиите, даноците и здравствената заштита.

Разочарувањето од неговата влада се надвисна над кампањите и во Мекленбург-Западна Померанија и во Берлин, каде што гласачите се фокусираа на зголемените трошоци за енергија и домување. Мерц во петокот презентираше пакет за помош на потрошувачите, кој вклучуваше намалување на даноците за бензин и дизел.

Неколку луѓе кои гласаа во Мекленбург-Западна Померанија рекоа дека трошоците за живот се голема загриженост.

„Тука во Шверин, со овие плати, веќе тешко можете да си дозволите нешто“, изјави гласачката Карлота Хајк за Ројтерс во главниот град на покраината.

Еден постар човек го критикуваше финансирањето за странска помош. „Ни требаат нашите пари тука, за нашата земја, за децата и пензионерите“, рече тој, барајќи да не се спомене неговото име.

Мерц веќе се согласи со нацртот на предложените реформи со своите помлади владини партнери, централнолевичарските социјалдемократи. Но, политичарите од двете страни на владејачката коалиција ги доведоа во прашање деталите за нив за време на овие изборни кампањи, особено аспектите на реформата на пензискиот систем, и не е јасно дали тој може да ги помине во парламентот на начинот на кој планираше.

Владејачката коалиција има мнозинство од само 12 пратенички места во Бундестагот, долниот дом на националниот парламент, кој брои вкупно 630 пратеници. Таа ќе мора да покаже дисциплина – каква што не секогаш успевала да демонстрира – за да ги усвои плановите за реформи, што нема да биде лесно доколку пратениците станат понервозни. Но, тоа тесно мнозинство исто така го комплицира секој план за замена на Мерц: секој негов наследник би морал да биде избран во Бундестагот.

Мерц би можел, барем теоретски, да одлучи да му ја препушти задачата за водење на партијата на некој друг и да се фокусира на управувањето со земјата.

Постои преседан за ова: Ангела Меркел се повлече од лидерската позиција во ЦДУ по слабите резултати на покраинските избори во 2018 година, но остана канцеларка до 2021 година. Нејзиниот претходник од редовите на социјалдемократите, Герхард Шредер, го стори истото во 2004 година, откако неговата популарност опадна за време на напорите за реформирање на германскиот систем за социјална заштита.

Сепак, и во овој случај нема очигледен кандидат, а Мерц јасно стави до знаење дека не сака да го препушти раководењето со партијата.

Резултатите од неделата ги продлабочија неговите проблеми, насочувајќи го вниманието уште повеќе кон неговата способност да спроведе реформи, а истовремено да ги одржи единството на владејачката коалиција и на сопствената партија. Инсистирајќи на потребата од промени, самиот Мерц изјави дека „не сè ќе наиде на брзи аплаузи“. Тој исто така мора да внимава на заканата што доаѓа од Алтернатива за Германија.

Дури и ако остане на чело, има само седум месеци да здивне до следниот круг покраински избори – иако ниту еден од нив не се одржува во источното упориште на Алтернатива за Германија. А уште еден неуспех би можел брзо повторно да ги актуелизира прашањата за неговото лидерство. (Според агенциите)