Има интерес за влез на поштенскиот пазар, расте пакетскиот, паѓа обемот на писма


Фото: Б. Грданоски

 Интересот за поштенскиот сектор е голем, односно влезот на поштенскиот пазар се уште го држи нагорниот тренд што го потврдува практично фактот за неговиот неискористен потенцијал, изјави денеска директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска.

Таа на јавна седница на Агенцијата за пошти оцени дека поштенскиот сектор успешно одговорил на ковид кризата и е подготвен да се справи со натамошните предизвици. Пандемијата го погоди целиот сектор, со исклучок на пакетскиот дел кој се зголеми поради брзиот раст на е-трговијата особено на домашниот пазар.

-Обемот имаше експоненцијален раст во периодите со построго затворање додека во последните два месеца стапката на раст се намали и најверојатно во блиска иднина стапката на раст  на обемот на пакети ќе остане повисока отколку пред пандемијата додека на другите поштенски услуги на кои  негативно влијае пандемијата, на пример обемот на писма во домашниот и меѓународорниот сообраќај, се очекува да продолжи да опаѓа, рече Аврамоска Ѓореска.

Кај пратките за кореспонеденција во првата половина на 2020 во однос на  2019 година има намалување од 29,2 проценти, додека за пакетските услуги во истиот период е евидентирано зголемување од 38 проценти.

-Кризата која ја предизвика Ковид-19 имаше финансиско влијание врз повеќето даватели на поштенски услуги, со екстремни случаи каде резултираше со затворање на бизнисите, рече Аврамовска-Ѓореска.

Зголемениот обем на е-трговијата значително  ги зголемил  работното време и оперативните трошоци, како и на транспортните поради логистичките ограничувања поврзани  со пандемијата што доведе до рпоемна на транспортните модели  на европско ниво.

Годинава  интерес за поштенскиот бизнис покажале 10, а лиценца добиле шест нови компании. Издадени се четири лиценци на постојни даватели, од кои три направиле пробив пазарите на пакети, двајца ја прошириле својата мрежа на целата територија на државата, а еден давател  ја проширил мрежата да работи и во меѓународниот поштенски сообраќај. Во 2020 Агенцијата ја лиценцирала и првата е-поштенска платформа ,Омни Деливери Скопје, од која  допрва се очекува да го развие својот уникатен бизнис модел, а шест даватели на поштенски услуги прекинале со услуги.

-Во 2020 година за дозволи аплицирале не само нови стартап компании, туку и правни лица од граничните пазари, односно транспортот и логистиката. Има такви и од другите дејности погодени од економската крзиа, но најчесто за жал не ги исполнуваат минимум условите и не добиваат лиценца и се откажуават, посочи  директорката на Агенцијата за пошти.

На пазарот сега работат 41 лиценциран давател, 40 со општо овластување и АД Пошта  на Република Северна Македонија, која е со индивидуална дозвола за обезбедување на универзалната услуга.лв/

Пандемијата, посочи Аврамовска Ѓореска, ја истакна важноста на обврската за обезбедување универзална услуга, бидејќи таа осигура континуитет и прилагодливост на поштенските активности за време на кризата.  Таа услуга гарантира пристап до пишана кореспонденција и пакети за сите корисници на територијата, во време кога овие услуги беа клучни за да се овозможи населението да се справи со контекстот на кризата и периодот на затворање.

– Агенцијата за пошти постојано апелира до надлежните институции да сметаат на домашната поштенска индустрија како на клучна за одржување на економијата а поштенската мрежа да ја смета за критична инфраструктура на државата, рече директорката на Агенцијата за пошти.  Прекинот на патничките авио летови сите не направи свесни дека државата е отсечена за транспорт на пратки по воздушен пат поради неповрзаност со карго летови. Единствениот редовен карго лет кој слетува и полетува од државава од прекинот на 16 март годинава  е авионот на DHL.