Има деца по казината


Движењето против коцкање од Тетово денеска повторно аламира на загрижувачки слики од објектите каде има игри на среќа при што се забележува присуство на деца. Тие на денешната прес-конференција објавија фотографии од портали на кои се гледаат деца пред апарати како и мајка со бебе со детска количка.

-После сите поплаки, протести и големите напори да укажеме да запре оваа чума секој ден се усложнува ситуацијата со отворање нови објекти каде се одвива коцкање. Сведоци сме дека деца се забавуваат во овие објекти, а најголема трагедија е што во тие простори се гледаат бебиња кои ги носат родителите додека се забавуваат, изјави Џемал Абдиу од Движењето.

Тие апелираат до институциите да вршат поголема контрола на работењето на коцкарниците.

– Имавме средба со директорот на државната пазарна инспекција, кој ни даде ветување дека ќе се одвиваат строги контроли во овие објекти. Но, само по два дена инспекторатот ја загуби битката и престана со контролите. Затоа прашуваме кој стои зад оваа наредба и спречува да се извршува постоечкиот закон и да се дозволи да се отвораат нови објекти и нивна акомодација во населбите, истакна Абдиу.

Барањата на Движењето се објектите каде се приредуваат игри на среќа да бидат три километри надвор од населените места градовите, да се одвојува пет отсто од буџетот од игрите на среќа за реновирање на објекти од јавен интерес, како и да се направи национална стратегија за едукација околу опасностите кои ги предизвикува коцкањето.