Илон Маск на Г20 како Волшебникот од Оз: Вонземјани, длабоки тунели, транспорт на ракети


 

Седејќи во мракот, облечен во традиционална индонезиска батик кошула и опкружен со свеќи, Илон Маск понуди визија за иднината која вклучува вонземјани, длабоки тунели и ракетен транспорт.

Сопственикот на Твитер преку видео врска разговарал со бизнис лидерите на Бали на маргините на самитот на Г20, а само лицето и рацете можеле да му се видат на инаку црна позадина, пренесува N1.

„Снема струја три минути пред овој повик. Затоа сум целосно во темнина“, му рекол тој на индонезискиот тајкун-модератор Анинди Бакрие.

Маск беше прашан зошто не отпатува на тропскиот остров, а новиот шеф на Твитер се пошегува дека неговата „оптовареност во последно време е доста зголемена“ откако го презеде гигантот од социјалните мрежи.

Тој не кажа многу за неговата контроверзна аквизиција, која вклучуваше отпуштање на илјадници вработени и воведување надомест за верификација на налозите. Тој поддржа повеќе видеа на Твитер во напорите за монетизација на содржините за создавачите.

Наместо тоа, разговорот се насочи кон тунели ископани длабоко под земја за да се борат против метежот, патување со ракети низ светот за помалку од еден час и откривање на вонземски живот во вселената.

„Можеби ќе најдеме вонземски цивилизации или ќе откриеме цивилизации кои постоеле пред милиони години“, рече тој.

„Мислам дека тоа би било неверојатно интересно, да одиме таму и да ја истражиме галаксијата“, додаде тој.

Извршниот директор на „Тесла“, производителот на електрични автомобили, потоа зборуваше за предностите на тунелите во однос на летечките автомобили во борбата против сообраќајниот метеж.

„Електричните возила и тунелите се апсолутно одговор на најлошиот можен метеж во кој било град, бидејќи можете да одите длабоко колку што сакате додека не се реши метежот“, рече тој.

Освен неговиот поглед на иднината на Индонезија како земја во развој, разговорот најмногу се фокусираше на неговиот чуден и смел поглед на иднината на Земјата.

Џакарта го повика Маск да ја користи Индонезија како место за лансирање на неговата ракета SpaceX, наведувајќи ги придобивките од екваторијалната локација.

Но, Маск рече дека сака да види ракетни платформи ширум светот кои ќе им овозможат на луѓето да патуваат „на целата друга страна на светот“ со брзина 20 пати поголема од брзината на звукот.

„Мислам дека навистина би се отворил светот ако можете да патувате каде било во светот за помалку од еден час“, рече тој.

Но, и покрај сите негови смели соништа за иднината, претприемачот кој се занимава со електрична енергија, вселенски откритија и социјални мрежи, не можеше да сокрие дека му е интересен фактот дека дури и тој е подложен на енергетските каприци на планетата.

„Го гледам ова видео, толку е бизарно: седам овде во мракот опкружен со свеќи. Тоа е најсмешното нешто“, изјави Маск.