Илјадници војници во карантин, а требаше да бидат на парадата за Денот на победата


Руското Министерство за одбрана соопшти денеска дека наредило илјадници војници да бидат ставени во двонеделен карантин поради коронавирусот, откако беше откажана големата парада на Црвениот плоштад во Москва, по повод Денот на победата.

Околу 15.000 војници требаше да учествуваат во парадата на 9 мај за да ја одбележат 75-годишнината од победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна. Но, претседателот Владимир Путин мораше да ги одложи прославите до подоцнежна дата.
Сите војници кои учествуваа на пробите за парадата претходно овој месец, ќе бидат ставени во изолација две недели, јави телевизискиот канал на Министерството – „Ѕвезда“.

Министерството не соопшти дали карантинот е од безбедносни причини или дека има случаи на заразени војници.