Илјадници навивачи ги поздравија фудбалските херои на плоштадот „Македонија“


Неколку илјади навивачи се собраа вечерва на централниот скопски плоштад „Македонија“ за да и ја честитаат на македонската фудбалска репрезентација големата победа над европскиот првак Италија и пласманот во финалето од мундијалскиот бараж.

 

На насобраните симпатизери им се обрати капитенот Стефан Ристовски, најавувајќи беспоштедна борба и во вторник против Португалија, против последниот противник на патот до историски пласман на Светско првенство

– Пред нас имаме уште еден натпревар. Сакаме да ви ветиме дека ќе го дадеме својот максимум, како што го дадовме и вчера, порача македонскиот капитен.

Во скусена славеничка програма поради строгите ковид – протоколите пропишани од УЕФА, кои не дозволуваат групирање на фудбалерите со луѓе надвор од тимот, присутните навивачи ги поздравија неколкумина репрезентативци, придружувани од селекторот Благоја Милевски.

Македонската фудбалска репрезентација в недела треба да замине за Порто, каде во вторник од 20:45 часот ја очекува финалето во мундијалскиот бараж против Португалија на стадионот „Драгао“, чиј капацитет од 48.000 гледачи, според најавите, ќе биде распродаден.