Илјадници демонстранти маршираат низ центарот на Хонг Конг

Илјадници лица маршираат низ владиниот и бизнис центар на Хонг Конг, во најновиот протест против контроверзниот закон за екстрадиција и начинот на кој власта се справува со отпорот на граѓаните, јави ДПА.

Извикувајќи ги слоганите “Долу за непријателскиот закон” и “Вратете ни го Хонг Конг, револуција на нашето време”, во маршот учествуваат демонстранти од сите возрасти.

-Сакаме екстрадицијата да биде повлечена, изјави демонстрантот Лео Ву. “Но, особено по протестите во јуни и јули … ние не само што веќе не се согласуваме со законот, туку не се согласуваме ниту со владата и полицијата”.

Маршот првично требаше да мине низ Шеунг Ван, историска област популарна кај туристите, но откако не успеаја да добијат одобрение од полицијата, десетици илјади демонстранти се упатија во спротивна насока, кон голема шопинг област и полициска станица.

Протестите се дел од поширокото движење, што почна на 9 јуни, против контроверзниот закон со кој се дозволува екстрадиција на осомничени лица од Хонг Конг во континентална Кина, но тие во меѓувреме се зголемија во поголеми демонстрации против владината и полициската бруталност.

Во последните две недели стотици илјадници лица излегоа на улиците на градот, дури и кога протестите редовно завршуваат со покажување полициска сила.

Ву и многумина други денеска се приклучија кон демонстрациите заради насилството врз демонстрантите од минатиот викенд, кога се виде дека вооружени насилници, за кои се верува дека припаѓаат на локалната мафија, ги тепаа демонстрантите и патниците во метро станиците по завршувањето на протсетите.

Други, пак, зборуваат за гневот поради намалувањето на граѓанските слободи во Хонг Конг, откако овој град се врати под кинеска власт во 1997 година.

-Чувствувам дека демократскиот систем на Хонг Конг многу се влошува. Владата продолжува да ни кажува лаги и да не ги следи правилата. Тие загубија интегритет, изјави Сали Вонг, кој е државен државен службеник.

Маршот денеска е значително поразличен од вчерашниот во Јуен Лонг, северозападна област во Хонгконшките нови територии, каде што полицијата го исчисти местото на протестот во првите два часа од демонстрациите.

Полицијата синоќа употреби гумени куршуми, солзавец и палки врз демонстрантите во обид да ја испразни железничката станица Јуен Лонг.

Хонг Конг е автономен град, со посебни права и привилегии, до 2047 година.