Илир Мета добитник на „Златен лав“ во Венеција


Албанскиот претседател Илир Мета на церемонијата во Венеција ја доби наградата „Златен лав“. Наградата е доделена за придонес во промовирањето на демократијата и политичкиот плурализам, зајакнувањето на мирот и стабилноста на Балканот, за промовирање на верската толеранција, како и за развојот на албанско-италијанските односи.

Наградата беше доделена од локалната власт на Венеција. Во својот говор, претседателот Мета истакна дека наградата е симбол на единственото пријателство меѓу Албанија и Италија.

„Оваа награда е посветена пред сѐ на граѓаните на Албанија, особено на Албанците во Италија и нивните семејства. Ова е награда за илјадници Италијанци кои долго време живееле и работеле во Албанија. Оваа награда е симбол на пријателството меѓу Италија и Албанија, што е единствено и неразделно“, рече претседателот на Албанија.

Тој истакна дека добиената награда е и за неговото семејство, за поддршката и љубовта кои му овозможиле да работи секој ден упорно и напорно.

„Оваа награда е посветена и на сите умерени лидери од регионот, кои, благодарение на својата зрелост и дијалог, ги доближија балканските земји поблиску до Европа“, истакна Илир Мета.

Наградата е основана пред 71 година. Илир Мета е добитник на наградата „Светски политички лидер за 2018 година“, доделена од фондацијата „Фуедус“, за поттикнување и зајакнување на односите и пријателството меѓу Албанија и Италија.