Илинденските идеи ја водат Македонија напред, рече Ковачевски


 

Еден ден пред најголемиот национален празник – Илинден, во Крушево почна манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, од каде премиерот Димитар Ковачевски испрати порака дека „не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава“.

Премиерот во говорот на платото пред Македониумот нагласи секоја борба вреди ако има крајна цел. Тој рече дека револуционерите ставиле пред себе голема идеја, а тие илинденски идеали денес ја градат Македонија и дека државата продолжува на европскиот пат.

Повикувајќи ги граѓанатите да покажат патриотизам на дело, тој нагласи дека ако некој кочи прогресивни идеи, тогаш неговите интереси не се во интерес на државата.

„Имаме обврска да јуришаме кон европската иднина“, изјави Ковачевски.

Според него, сега водиме битка за сегашноста и иднината.

„Немаме предрасуди кон било кого. Со овој пристап продолжуваме да се развиваме. Како Македонци со македонски јазик отворен ни е простор на европската маса. Илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината“, рече Ковачевски и додаде:

„Водството е идеја, тоа не е човек. Да сработиме напорно сите и да ја осигураме европската иднина. Тоа е идејата зад која треба сега да застанеме. Тоа зависи од нас и мораме да го направиме. Оваа битка пред  нас е битка за сегашноста и иднината и ви ветувам заедно ќе ја добиеме. Илинден е и ќе биде нашата сила за европска иднина“.

Градоначалник на Крушево, Томе Христоски, при обраќањето на отворањето на манифестацијата истакна дека пред нас е уште еден Илинден и уште една одговорност оставена од нашите предци. Тој нагласи дека денес Крушево е мултиетничка општина со пример за соживот и се развива и создава иднина.

Во рамки на отворањето на манифестацијата на Гумење беше издигнат бајракот на Републиката, кој ќе се вее 10 дена, а пред присутните беше прочитан и Крушевскиот манифест, кој потсети на заедништвото во борбата за правото и слободата на сите без разлика на верската и национална определба.

Дел од коњаниците кои пристигнаа во Крушево за прославата на Илинден, како што информираше градоначалникот Христоски, не сакале да бидат дел од манифестацијата, ниту да учествуваат на утрешното чествување на Мечкин Камен. Сепак, според него, дел од нив ќе присуствуваат од одбележувањето.

Вечерта продолжи со културно-уметничка програма.