Илина Арсова е „Европска жена на годината“- Игор Џамбазов најдобро знае

Делегацијата на Европската Унија во Скопје ја прогласи македонската ликовна уметница и планинарка, Илина Арсова за „Европска жена на годината“. Свеченото доделување на наградите се одржа во Даут-пашиниот амам во присуство на амбасадорите и првата дама г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска.
Илина беше претставена од страна на амбасадорката на Германија, Анке Холштајн. Покрај неа, во изборот учествуваа и докторката Маја Мојсова-Мијовска – претставена од амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ; претприемачката Наталија Бургиева – претставена од амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир; режисерката Дина Дума – претставена од амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон; директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими – претставена од амбасадорката на Романија, Моника Аксинте.
„Го одбележуваме Меѓународниот ден на жената со оддавање почит на пет извонредни жени кои покажаа дека само небото е граница во остварувањето на соништата, во работењето за општо добро. Нивните приказни се инспиративни. Ги кршат предрасудите. Тие докажуваат дека полот нема врска со способноста. Или дека капацитетот и посветеноста немаат пол“. изјави амбасадорот Дејвид Гир.
Илина Арсова беше избрана за Европска жена на годината за 2022 година врз основа на реакциите на Фејсбук презентирани во периодот од 28 февруари до 7 март 2022 година.
Илина е првата Македонка која ги искачи седумте највисоки врвови на седумте континенти. Во 2006 го искачи Мон Блан, а во 2013 стана првата жена од Македонија што го искачи Монт Еверест.
Амбасадорката Холштајн ја претстави Арсова како алпинистка, активистка за заштита на животната средина, борец за правата на жените и уметник, а пред сè – жена која се истакнува во сè што прави, таа прави промени. „Повеќе од заслужено да биде почестена како европска жена на годината!“– изјави амбасадорката Холштајн.
Во своето видео обраќање од Италија како Европска жена на годината за 2022 година,Арсова изјави дека сите номинирани пишуваат историја во одредена област, што е полно со предизвици и прилично исцрпувачки. Таа открива дека да се биде кршач на мраз не е воопшто лесно, но на крајот се исплати. Арсова испрати порака до сите жени и млади девојки дека „ниту еден сон не е недостижен и ниту една цел не е невозможна“.
Наградата за Европска жена на годината е комплементарна со наградата Европеец на годината, која исто така е воспоставена од Делегацијата на Европската Унија (од 2019 година). Наградата има за цел да ја подигне свеста за постоечките пречки за родовата еднаквост, притоа оддавајќи им признание на жените кои водат со пример и придонесуваат светот да биде порамноправен.