Илија Димовски и Влатко Ѓорчев пак ги нема на листите на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Делува по малку изненадувачки, но двајцата веројатно најобучени говорници во Собранието од опозицијата ги нема на кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ ни за овие парламентарни избори. За Илија Димовски и Влатко Ѓорчев парламентарната територија и натаму останува недостапна.

Илија Димовски, со кого многумина не се согласуваат, но ги респектираат неговите умешности во парламентарните расправи, последниве неколку месеци се појавуваше интензивно на телевизиски дебати со претставници на владејачките партии. Неговата одбрана на партијата во овие дебати беше со истурен штит, дури користејќи и непроверени и полуинформации. Наводно, Димовски во централата на ВМРО-ДПМНЕ е задолжен за креирање на информативната мрежа и стратегија.

Но, сето ова како да не било доволно Илија Димовски да се најде на листата на кандидати за пратеници и на вторите по ред избори.

Влатко Ѓорчев, кој е член на Извршниот комитет на партијата, сега многу поретко се појавува во јавноста. Обично тоа е на теми поврзани со ситуацијата со демографијата во Македонија. Генерално, иако е во врвот на партијата, јавноста не добива впечаток дека тој е во нејзиниот мејнстрим. И за него ова се втори избори по ред како не е кандидат за пратеник.