Илхан Ќучук вели дека Бугарија во очите на Европа веќе не е сила што балансира
Како што Бугарија влегува во своевидна политичка неизвесност, а ГЕРБ се откажа од мандатот да ја формира идната влада, некои политичари почнаа појасно да ги изразуваат своите ставови околу блокадата на Софија на европските аспирации на Скопје. Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук денеска за Бугарското национално радио изјави дека од недоразбирањето меѓу Бугарија и македонија страда целата Европска унија
„Целата ЕУ страда од недоразбирање меѓу Бугарија и Северна Македонија, страдаат и земјите од Западен Балкан. Бидејќи има различни идеи и тие се поткрадуваат на еден или друг начин – да ги поделат земјите од Западен Балкан, да отстранат одредени граници, и тука улогата на Бугарија е многу важна“, коментираше европратеникот кој е член на либералната група Обнови ја Европа.
Според Ќучук, она што беше постигнато во 2018 година во односите меѓу двете земји беше лесно потрошено заради „пумпање на национално-политичката напрегнатост и сега ниту во регионот ниту во Европа ние не сме перципирани како сила што балансира во решавањето на разни проблеми“.
„Други идеи се појавуваат – дали да се даде зелено светло на Република Албанија, а не на Северна Македонија. Од тоа дали бугарската надворешна политика и нашиот имиџ ќе страдаат – мислам дека дефинитивно ‘да’. Ние ќе имаме голема одговорност за тоа како земја со која започнаа преговорите не успеала, бидејќи имаме недоразбирања за голем број клучни прашања“, додаде тој.
„Треба да покажеме како може да се деблокира ова прашање и да им дадеме јасна перспектива и сигнал на нашите партнери дека прашањето за интеграција, иднината на ЕУ и нејзината регионална димензија се клучни за нас. На овој начин, ние ќе сигнализираме дека сме постојана земја што ги штити не само нашите, туку и приоритетите на ЕУ“, рече Ќучук.
Илхан Ќучук е член на ДПС, а таа е единствената голема партија во Бугарија што ја брани потребата од поумерена политика кон Скопје. Главните политички партии, вклучително и Има таков народ на Слави Трифонов, се залагаат за цврст курс кон Северна Македонија.
Членот на ГЕРБ европратеникот Андреј Ковачев, пак, рече дека не може да замисли идната влада да ја промени бугарската позиција кон Македонија. Сличен став имаше и европратеникот на социјалистите, Петар Витанов.