Илхан Ќучук: Македонија е на прав пат


Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, кој подготвува резолуција за земјата во наредните недели, смета дека извештајот на Европската комисија е доказ дека Северна Македонија е на „прав пат“.

– Има сѐ уште предизвици се разбира, но реформите се одвиваат иако некои со побавно темпо, вели Ќучук.

Тој порачува дека „има многу да се направи во реформата на правосудството и борбата против корупцијата“ и нагласува дека треба да се работи и на зајакнувањето на слободата на изразување, за која Комисијата бележи слабости во својот извештај годинава.

За поранешниот амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, Ерван Фуере корупцијата, исто така, е еден од главните проблеми за земјата и покрај одреден напредок до сега.

– Мислам дека Владата треба да биде задоволна со коментарите за отвореното владеење како белег на Владата на господинот Заев, во споредба со претходната предводена од Груевски, тоа е важно, но истовремено е јасно дека Владата треба да направи многу повеќе против корупцијата, јасен е сигналот дека Владата не беше доволна цврста кон прашањата со корупцијата, и не само оние кои произлегуваат од претходната Влада, туку и сегашната корупција која е многу сериозен проблем и треба да се решава на попроактивен начин, инаку тоа ќе остане слаба точка, анализира Ерван Фуере за МИА.

Тој потсети и на важноста од усвојување на законодавство против дискриминација, нешто на што исто така инсистира Европската комисија, откако законот беше укинат поради процедурални грешки.

Фуере нагласува дека покрај законодавството, владата треба да биде внимателна и на неговата имплементација како и на телата кои го застапуваат граѓанското општество и се задолжени за спроведување и мониторирање на антидискриминациските закони.

– Мотото на демонстрантите „нема правда нема мир“ е многу реален предизвик за земјата, тоа мора да се земе предвид, порачува Фуере.

Словенечката европратеничка, Ирена Јовева, исто така го поздрави извештајот на Европската Комисија како „реалистичен приказ на состојбата во државата“ и се надева дека оваа евалуација на ЕУ ќе делува како поттик за „уште порештелни реформи“.

– Морам да нагласам дека граѓанското општество треба да е посилно вклучено во процесот на донесување одлуки и треба да се продолжи со унапредувањето во делот на слободата на медиумите, и да се поттикнува медиумскиот плурализам, вели Јовева за МИА.

Според неа, потребно е да се зацврсти владеењето на правото, транспарентноста во јавната администрација, борбата против корупција и непотизмот и да се намали употребата на итни процедури при носењето одлуки. Јовева ги одвои и фискалните реформи на данокот на доход и пензискиот систем како важни области за напредок.

– Реформите во образовниот систем кој не е во согласност со пазарните потреби, ниту со времето во кое живееме , одливот на мозоци е проблем за целиот регион, па така и за Северна Македонија, изјави словенечката европратеничка.