Илхан Ќучук, известувачот за Македонија, ставен на црната листа на Кина по санкциите на ЕУ
Бугарскиот европратеник и извесувач за Македонија, Илхан Ќучук, се најде на списокот Кина во кој се најдоа десет личности и четири организации за кои Кина воведе контрасанкции откако ЕУ стави на црн список четири лица и една организација поради состојбата на Ујгурите во автономниот регион Ксинџијанг. Четирите лица се функционери од Ксинџијанг. Ќучук не може да патува во континентална Кина, Хонг Конг и Макао.
Уште четворица европратеници се наоѓаат на оваа листа. Има и дипломати, институти и семејства на кои им е забрането да тргуваат со Кина. Ќучук, кој е член на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, беше меѓу иницијаторите за доделување на наградата „Сахаров“ на активистот за човекови права на Ујгурите, Илхам Токти.
Соединетите држави, Европската унија, Велика Британија и Канада во понеделникот воведоа санкции против кинеските власти за кршење на човековите права во Ксинџијанг, што е координирана акција на Западот против Пекинг во времето на новиот американски претседател Џо Бајден. Кина ги отфрла сите наводи за злоупотреба.
„Во услови на зголемена меѓународна осуда, (Кина) продолжува да извршува геноцид и злосторства против човештвото во Ксинџијанг“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен пред состаноците со министрите на ЕУ и на НАТО во Брисел оваа недела.
Министрите за надворешни работи на Канада и Велика Британија издадоа заедничка изјава со Блинкен, велејќи дека тројцата се обединети во барањето Пекинг да стави крај на своите „репресивни практики“ во Ксинџијанг.
ЕУ се обиде да избегне конфронтација со Пекинг, а санкциите во понеделникот беа првите значајни мерки по спроведувањето на акцијата на плоштадот Тјенанмен во 1989 година, иако Брисел беше насочен кон двајца компјутерски хакери и технолошка фирма во 2020 година, како дел од пошироките сајбер санкции.
Чекорите беа пофалени од Соединетите Држави. „Обединетата трансатлантска реакција испраќа силен сигнал до оние кои ги кршат или злоупотребуваат меѓународните човекови права“, рече Блинкен.
Одмаздата на Пекинг го вклучува и германскиот политичар Рајнхард Бутикофер, кој е претседател на делегацијата на Европскиот парламент во Кина. Непрофитната фондација Алијанса на демократиите, основана од поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, исто така се најде на списокот, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Во листата на Пекинг е вклучен Адријан Ценц, германски научник чие истражување беше цитирано од Стејт департментот минатата година кога ги потенцираше наводните злоупотреби во Ксинџијанг.
Сите 27 влади на ЕУ се согласија на казнените мерки на блокот, но министерот за надворешни работи на Унгарија, Питер Сијарто, ги нарече „штетни“ и „бесмислени“. (Н.В.)