Ила: Шпанија ќе воведе регистар на лица кои одбиваат да се вакцинираат и ќе го споделува со земјите од ЕУ

 Шпанските власти ќе воведат регистар на лица кои одбиваат да се вакцинираат против корона вирус и истиот ќе го споделуваат со другите европски земји.

Податоците од регистарот, меѓутоа, нема да бидат објавени во јавноста, соопшти денеска шпанското Министерство за здравство.

Министерот Салвадор Ила изјави дека е важно граѓаните да се вакцинираат против корона вирусот, иако вакцинацијата, што почна во многу земји на Европската унија, не е задолжителна.

-Ќе  создадеме регистар на луѓе кои не ја сакаат вакцината и тоа ќе го споделиме со другите европски земји, рече Илa, додавајќи дека во регистарот ќе има луѓе на кои им е понудена вакцината, но кои ја одбиле.

Според него, регистарот не е документ што ќе и биде презентиран во јавноста и ќе се земе предвид заштитата на податоците.

Шпанската Влада планира до крајот на февруари да вакцинира околу 2,5 милиони грашани, а до лето меѓу 15 и 20 милиони.

Во Шпанија од почетокот на пандемијата од корона вирус умреле околу 50.000 лица, додека 1,8 милиони се заразени.