ИКТ секторот е најбрзорастечки во земјава, најголем проблем е недостиг на кадар


Македонскиот ИКТ сектор во последните три години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и приходите, покажува Извештајот за ИКТ индустријата што денеска го презентираше МАСИТ. Оваа индустрија е најбрзорастечка во земјава, која ги вработува најмладите и најпрогресивните граѓани. Сите овие показатели, сметаат од Комората, покажуваат дека оваа индустрија би требало да престане да биде сервис на сите други гранки и да стане мотор на развојот на државата. Најголем проблем со кој индустријата се соочува, е недостиг на работна сила, на што треба да се работи во иднина.

Како што појасни Сергеј Зафировски од ИнсајдерИД, кој го презентираше Извештајот, во 2019 година имало 1957 економски активни компании, а вкупно 15.093 вработени. Приходите на целиот сектор изнесувале 879 милиони евра, трошоците 772 милиони, а профитот 103 милиони евра. Особено е важно, потенцира тој, е и сегментот за трговијата во ИКТ, при што извозот бил 210 милиони евра, а увозот 88 милиони евра.

-Овие бројки не би биле значајни ако не се разгледа растот. Во наведениот период има раст од 51 отсто на економско активните компании, како и раст од 37 отсто на бројот на вработените, што е над десет отсто годишно од 10900 во 2016 година на 15.090 вработени во 2019 година, рече тој.

Додаде и дека се бележи и раст на приходи на 17 отсто што во овие три години, најмногу кај компании на софтвер и ИТ услуги. Профитот бележи раст од 74 проценти, извозот 40 отсто и увозот 18 отсто.

Според претседателката на МАСИТ Анета Антова Пешева овие бројки во ИКТ секторот го потврдуваат драматичниот пораст во оваа индустрија и претставува основа за етаблирање на овој сектор во сите сфери.

-Во денешниот свет на виртуелни вредности, бројките и фактите и аргументите се многу важни. ИКТ индустријата е најбрзорастечката индустрија во нашата земја која дошла во тој раст без државна поддршка, субвенции… Ги вработува најмладите и најпрогресивните со доминантна извозна компонента и квалитет за кој сведочат сите, истакна таа на презентацијата.

Додаде дека како индустрија сакаат да престанат да бидат сервис на сите други гранки и да станат мотор на развојот на државата по примерот на многу други држави. -Имаме сила и мотив да го направиме тоа, но без соработка на сите чинители е невозможно. Ни требаат силни образовни институции, особено во инфорамтичките и комуникациските области, држава определена за влез во новиот свет со безбедна и предвлидлива околина, рече таа додавајќи дека меѓу она што го бараат е и тоа државата  да гарантира конкретни животни услови,  здравствен и образовен систем со помалку политика.

Порача дека овој извешај ќе биде легитимен аргумент на МАСИТ во развојот и популацијата на ИТ и ќе биде патоказ каде треба да се движиме во иднина, затоа институциите треба да го земат предвид.

На презентацијата беше истакнато дека ова е единствениот сектор во кој најголем ресурс се вработените, и дека во иднина ќе се зголемува недостатокот на работна сила во овој сектор. Она што сметаат од МАСИТ е дека овој извештај ќе им биде алатка да лобираат за своите барања во однос на даночни олеснувања, за поголема квота за упис на студенти…

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на онлајн конференцијата потенцира дека е предвидено намалување на персоналниот данок во ИТ секторот во владината програма  од сегашните 10 отсто на 0 отсто во 2023 година кој е еден од предлозите од овој сектор што Владата го има вградено во својата програма и е еден од приориетите,  а кој треба да биде доволен поттик за развој на оваа индустрија.

-Остануваме на данокот на добивка на стапка од 10 отсто, но што се однесува на стимулација на вклученост на луѓето во ИТ индустиријата, од 2021 година очекуваме личниот данок да го намалиме постепено за да до 2023 година дојдеме до целосно укинување на личниот данок на доход од сегашното 10 отсто во 2023 да биде на 0 отсто. Тоа е еден модел што го добивме како предлог од МАСИТ. Други моменти се ослобдување на данок за преквалифиакција, ослободување на данок од трошоците кои се прават во име на лиценци во ИТ индустрија…, истакна на презентацијата Битиќи.

Потенцира  дека комуникацијата ќе се одвива на месечна основа во точно утврден ден и дека заеднички преку платформата за јавен приватен дијалог ќе бидат вклучени во процесите на креирање политики, но и при носење одлуки.

Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Сибил Зутер смета дека во последната деценија има голем експоненцијален пораст на ИКТ секторот, како и дека КОВИД-19 пандемијата само го засилила овој тренд во сите аспекти на човековиот живот.

-Северна Македонија не заостанува многу во овој глобален тренд. ИКТ секторот е најбрзо растечки сектор во земјата. Македониските ИКТ компании се иновативни професионални со високи стандарди на квалитет. Некои од предизвиците што имаат влијание на раст на секторот се недостиг на висококвалификувана работна сила, нешто што само ќе се заострува во иднина. За да може секторот да биде поуспешен и да се зголеми извозот, исто така, треба да да се катализира развојот на македонски ИКТ производи, рече таа.

Овој извештај, според неа, ќе и помогне на државата во унапредување на бизнис регулативата за оваа индустрија, што ќе овозможи да расте побрзо и да вработува повеќе луѓе. Информациите од терен, потенцира, ќе им помогнат на владините институции да креираат политки за развој на овој сектор, затоа што со поддршка на ИКТ секторот не се поддржуваме само тој, туку тоа дава позитивен ефект и на други сектори и развој на економијата во земјата воопшто.