Тодоров: Ако ВМРО опстои против уставните измени, ќе стане во опозиција најдолго од основањето


Никола Тодоров, екс министер во неколку наврати во времето на Никола Груевски, во интервју за „Слободен пачат“ порачува дека Македонија не е на крстосница туку одамна го имаме одбрано патот кон Запад, а се друго е резултат – на македонски инает. На секого во Македонија, вели Тодоров, му е јасно дека уставни измени мора да има, ако сакаме да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ, односно да ги отвориме првите поглавја во преговорите.

Неговиот став е дека во овој момент речиси е невозможно кој било да влијае врз Бугарија да се откаже од барањето за промена на Уставот, имајќи го предвид исклучително големото стратешко значење на Бугарија во светло на конфликтот во Украина, па од овие причини невозможно е да издејствуваме поповолна позиција за Македонија од таа што ја имаме. Според Тодоров, јасно е дека порано или подоцна Македонија ќе мора да го направи овој чекор и да ги вметне Бугарите во Уставот, што значи ова ќе се случи. Прашањето е дали тоа ќе биде пред или по избори и кога изборите ќе се случат.

– Ако мене ме прашувате, јас со сето срце сакам ВМРО да победи и да формира влада, но, во следните неколку месеци ќе се кристализира дали Мицкоски ќе прерасне во лидер кој ќе ја води нацијата или пак ќе мора да замине со бремето на човек кој ја оставил ВМРО најдолго време во опозиција – констатира Никола Тодоров.

Оттаму, додава, најновата македонска политичка дилема е – ЕУ или власт!

– Сметам дека повеќе од ВМРО да не се изгласаат уставните измени сака само СДСМ. Ова од причина што сметаат дека така СДСМ ќе ја има поддршката од меѓународната заедница, а ВМРО ќе ја нема и сѐ повеќе ќе биде изолирана во меѓународните односи – вели Тодоров.

За Никола Груевски вели дека сѐ уште има влијание не само меѓу вмровските поддржувачи, туку и кај дел од пратениците и меѓу раководството.