ИК на ВМРО-ДПМНЕ поддржа референдум, СДСМ одлуката ја нарече „фарса“


Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната седница едногласно  ја прифати инциијативата за референдум и народно изјаснување во однос на штетните делови кои опфаќаат целосна асимилација, промена на историјата и бугаризација, изјави вечерва генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.  Во перидот што следи, како што информира тој, партијата почнува процес на широка консултација со експертската и општествената јавност за природата, карактерот и формулацијата на референдумското изјаснување чија крајна цел, како што кажа, е „народно спротивставување на идентитетско обезличување”.

Сајкоски најави дека најпрво ќе направат широка консултација со општестевните чинители, па потоа ќе го водат процесот.

Седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се уште трае, а на нејзе се разговарало за актуелни теми, како што е политичката состојба со посебен осврт кон актуелното прашање врзано со преговарачката рамка и спорот со Бугарија.

„На површина излегоа сите лаги на Владата. Ветија и излажаа дека преговорите започнуваат веднаш, а преговорите започнаа само за Албанија,“ рече Сајкоски, додавајќи дека се уште останува ветувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека се против уставни промени. 

Ваквата седница и одлуката СДСМ ги оцени како фарса.Според нив лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е против ЕУ и само измислува нови обиди како нешто да попречи.

„Откако потонаа сите лаги, манипулации, црни сценарија, обиди да ја закочи европската иднина на државата, Христијан Мицкоски тоне и сака да ја повлече цела држава. Toa СДСМ, заедно со граѓаните нема да му го дозволи. Граѓаните многу добро знаат дека токму ВМРО-ДПМНЕ бараше референдум и за Договорот од Пресп,а па потоа го бојкотираше. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски собираа потписи и за иницијатива за референдум за пописот, па потоа се откажаа. 
 
Не му се криви граѓаните на Мицкоски што ги лажеше за некаква бугаризација и асимилација која сите видоа дека не постои.Не му се криви граѓаните што нема храброст да признае дека започнавме преговори за членство во ЕУ со заштитенен македонски идентитет и што македонскиот јазик одекна во Брисел. Не му се криви граѓаните на Мицкоски што неговите пратеници не гласаа во Собранието, па сега се обидува да ги вовлекува во неговите анти-европски сценарија. Тоа што се уште не знаат какво прашање да постават пред граѓаните зборува дека ВМРО-ДПМНЕ не знае каде тера, само сака да направи некаква штета и ништо повеќе. Затоа, седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса, таму ништо не се одлучува, само се исполнуваат желбите на Мицкоски. Досега сите лаги на Мицкоски се разобличени, сите негови обиди пропаднати, така ќе биде и овој пат.Референдум против македонски јазик во ЕУ не е потребен. СДСМ нема да поддржи референдум којшто е против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ“, порачаа од владеечката партија.