ИЈЗ: Неделава се намали смртноста од Ковид-19 за 18, 9 отсто


Фото: Б. Грданоски

Во периодот од 21 до 27 декември годинава тестирани се вкупно 13.123 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,9 отсто во однос на минатата недела, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во овој период регистрирани сe 3.372 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 26,5 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (42,4 отсто) со неделна инциденца – 231,4/100.000.

Извештајот покажува дека пријавени се 129 смртни случаи од 23 града, 30 помалку или 18,9 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години.

Од Министерството за здравство посочуваат дека во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 25,7 проценти, намалување од 3,6 отсто во однос на минатата недела.

Согласно податоците на ИЈЗ, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (27 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (19,7 отсто), 40-49 (17,5 отсто), 50-59 (17,7 отсто) и 20-29 (12,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,5 отсто) и 10-19 години (4,3 отсто).

Според извештајот на институтот, по добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.500 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, незачително помалку во споредба со минатата недела.