ИЈЗ ќе прави до 1.000 тестирања дневно, 150 повеќе од досегашните


Покрај постојното приемно одделение, во Институтот за јавно здравје од денеска ќе функционира уште едно одделение за прием, со лаборант и администратор, со што ќе се забрза процедурата за земање тестови за КОВИД-19, соопшти Министерството за здравство, наведувајќи дека  приемното одделение ќе се растовари зашто пациентите кои доаѓаат за тестирање ќе бидат распределени на два пункта.
Пунктот ќе работи секој ден од 7.30 до 14 часот за земање брисеви, а од 18 до 20 часот за подигнување на резултатите.
Со отворањето на новиот пункт ќе се зголеми бројот на тестирања во денот и е предвидено дневно да се вршат до 1.000 тестови, што е за околу 150 тестови повеќе во однос на досегашните.
Институтот информира дека располага со доволен број тестови за КОВИД-19, епидемиолошката служба ќе биде ангажирана во две смени, а за таа цел ќе бидат креирани и дополнителни термини за тестирање во системот МојТермин.
Предвидено е да се обезбедат 350 дополнителни тестови, по 100 на дневно ниво во Центарот за јавно здравје и во лабораторијата во Козле, како и споменатите 150 во Институтот за јавно здравје.
-Со овие дополнителни тестови значително се зголемува капацитетот на тестирање и ќе може да се постигне дневна бројка и до 2000 тестирања во јавните здравствени установи, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.