Игри со анкетната комисија за СЈО. ВМРО-ДПМНЕ сега признава само С од Северна


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ доставила до парламентот нов предлог за формирање анкетна комисија за утврдување законски прекршувања и злоупотреби во работењето на СЈО, откако спикерот Талат Џафери им го врати на опозициските пратеници првиот предлог, поради технички пропусти во содржината.

Една од забелешките на Џафери беше дека во документот што е доставен до собраниската архива не се користи уставното име на државата, туку старото име „Република Македонија“, што станува посебно проблематично откако е изработен и нов печат на законодавниот дом со името Република Северна Македонија. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во новиот предлог за формирање анкетна комисија се обиделе да го исправат овој пропуст на начин што во документот го модифицирале уставното име на државатa. Така, наместо Република Северна Македонија стои Република С.Македонија, со тоа што буквата „С“ е избеледена и едвај се забележува.

Џафери исто така им забележа на колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека при наведувањето на функцијата „претседател на Собранието“ го избегнувале неговото име. Но, тој пропуст не е поправен ниту во новиот предлог што го достави ВМРО-ДПМНЕ до Џафери. Имено, опозицијата не го признава изборот на Џафери за претседател на парламентот, кој се случи на 27 април 2017 година, по што избувнаа насилствата во законодавниот дом. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ не учествува на координациите кај првиот парламентарец, така што „јавна тајна“ е дека  комуникацијата меѓу него и опозицијата, всушност, се реализира „очи в очи“.

Обновениот предлог нa ВМРО-ДПМНЕ за формирање анкетна комисија за СЈО е ставен на дневен ред на седницата што почнува денеска.