Играниот филм „Мими“ во режија на Даријан Пејовски поддржан и во Хрватска


Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) одобри поддршка за долгометражниот игран филм со работен наслов „Mими“, по сценарио и режија на Даријан Пејовски. Со тоа Хрватска, преку продукциската куќа „Максима Филм“, и официјално се вклучува како земја копродуцент на овој филм.

Како што соопштија од „Скопје филм студио“, одлуката е донесена на седницата на Хрватскиот аудиовизуелен совет на 15 декември, на која се рагледувала распределбата на средства во рамките на Конкурсот, во последниот рок за оваа година, меѓу другите и за поттикнување на филмски копродукции со малцинско учество на Хрватска.

„Мими“ е психолошка драма за девојка, која потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. Мими е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите.

Главната улога ја толкува Наталија Теодосиевска, а во филмот, меѓу останатите, играат и Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев и Дениз Абдула.

Кинематографер е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, дизјан на звук – Игор Поповски, костимите се на Емилија Ивановска Атанасовска, а шминката на Ива Куробаса.