Игор Пачемски за „Независен“: Станав дел од тимот на „Ралф  Лорен“


Македонскиот дизајнер Игор Пачемски (41), стана дел од тимот на луксузниот американски моден бренд „Ралф Лорен“.

– Работам на 2 нови колекции на „Ралф Лорен“ кои ќе се лансираат допрва и не можам ништо да зборувам за нив, исто така работам и на линиите на „Поло“ и на „Лорен бај Ралф Лорен“. Колекциите се изработуваат по лиценца со гигантот за костуми за капење „Менхетен бичвеар“ под чиј надзор се произведува „Кенет Кол“, и сите колекции на „Лорен“. Мојата работа е да сум креативен директор на колекциите и да им дадам европска визија и квалитет. Работам помеѓу канцелариите на РЛ во Њујорк и канцелариите на „Менхетен бичвеар“ во Лос Анџелес, откри ексклузивно за „Независен весник“ Пачемски, без сомнение најзначајниот и најквалитетниот македонски дизајнер на долна облека во светски рамки.

Го сретнавме во Скопје, на промоцијата на македонскиот бренд „Фикси период пентис“ (Fixie Period Panties) на иноваторот Јасна Петков-Стојановиќ, која има за цел да ја покрене јавната свест за важноста од добра менструална хигиена, но воедно и да се зборува против предрасудите врзани со овој совршено нормален биолошки процес на жената. Пачемски ќе ја дизајнира следната линија за брендот.

– „Фикси“ е мој нов проект. Кај „Фикси“ ми се допаѓа фактот што можам да го користам мојот опит како научник и да го комбинирам со естетиката. Секогаш ме интересирале вакви проекти, како иновација, функционалност, рушење на табуа, но и силна порака за жените, а јас со своето долгогодишно искуство стекнато со работата во глобалната индустрија на моден дизајн, ќе придонесам и за префинет, уникатен изглед за секоја пригода, вели Игор.

Првично предодреден да биде научник и истражувач, го оформил своето образование во Англија, а потоа студирал квантна хемија. Љубовта кон дизајнирањето долна облека ја открива во периодот додека работел за „Coco de Mer“. Желбата да живее со своето дизајнирање ја реализира со основањето на брендот „Yes Master Lingerie“ во 2005 година. Првата негова колекција си го најде патот до „Henry Bendel“ во Њујорк. Моделите на „Yes Master“ сега се продаваат и на modcloth.com, „Urbanoutfitters USA“, во продавниците и онлајн, „KaDeWe“, „Alsterhaus“ и „Oberpolinger“, во најголемиот скандинавски продажен синџир nelly.com, во сите продавници на „House of Fraser“, на luisaviaroma.com, во „Harvey Nichols“ во Лондон, Манчестер и Дубаи.

– Базата ми е меѓу Бугарија и Америка и времето го минувам помеѓу двете земји. После 20 и повеќе години во Лондон, бизарно е што мојот бивш град (кој секогаш ќе го сакам и од чиј акцент никогаш нема да се отарасам) веќе не е во листата на дестинации кои често ги посетувам. Сега живеам на линија Софија, Скопје, Белград, Париз, Берлин, Њујорк, Мајами, Хонолулу и Токио.

Мојот бренд „Yes Master“ кој ме направи славен оваа година ќе наполни 15 години, што е навистина нешто на кое сум неизмерно горд. Пред 3 години на пазарот ја лансирав и „Noblesse Oblige“, марка на достапна долна облека со огромен фокус на модерен дизајн и европски материјали. Креациите можат да се купат на три континенти и тој факт ме прави пресреќен и сè уште понекогаш треба да се штипнам да се потсетам дека сè ова е реалност. Како дете на деведесеттите години израснав со шоуто „Пријатели“ и моите пријатели денес се шегуваат со мене дека сум Рејчел Грин. Жонглирам по 800 модели годишно и секогаш си велам, ако може Том Форд, можам и јас. Учам француски, имам мачор (Луцифер) И куче (Арес) и нов животен сопатник. Животот ми е еден динамичен калеидоскоп од календари, рокови, патување, работа и обид да се жонглира домашен живот. Дали е лесно? Воопшто не. Дали би го сменил некогаш? Во никој случај.

Дали ви се зголемија професионалните релации со Македонија?

– Ми се зголеми соработката со целата бивша Југославија, не само со Македонија. Во Македонија произведувам пуловери во „Антигона“ во Тетово, во Белград сликам кампањи, а понекогаш користам и македонски екипи. Во секој случај, повеќе причини да се доаѓа дома и да се потсетам на родниот крај. Колекцијата за пролет/лето 2020 ја крстив „Југотопија“ и тоа доволно ви кажува за мојата повторно разгорена љубов кон естетиката на овие простори. Исто така, „Noblesse Oblige“ може да се купи во Скопје.

Неговата долна облека од свила, свилен сатен и жерсе, не користи тантела, се продава во луксузните стоковни куќи „Њуман Маркус“ и „Харви Николс“, во ексклузивните бутици и во 25 најдобри бутици на „Викторијас сикрет“ каде што се продаваат и други брендови.

Ја носеше и кралицата Елизабета Втора под тешките скапи костими на свеченостите по повод нејзиниот дијамантски јубилеј – 60 години како монарх, во Лондон.

– Успехот се должи што мојата долна облека е поубава, покул, поконцептуална и со малку повеќе моден фокус отколку обичните парчиња за долна облека кои знаат да бидат многу здодевни. Моите парчиња имаат женски печат, како да ги дизајнирала дама. Си играм со графичките решенија кои се посоодветни за високата мода, отколку за интимната облека. Софистицираноста и материјалите со врвен квалитет, исто така не двојат од масата. Од друга страна, тој господар на кој му се поклонуваш, тоа е импулсот да купиш нешто што не ти треба, а е толку убаво и немаш простор да се спротивставиш. На пример, изборот на принтовите и на мотивите во поевтината линија, за разлика од поскапата „Дифјужн“, која е покласична со птици, цвеќиња, пеперутки, се многу мажествени, со коњи, пентаграми, ѕвезди, волци кои можеби свесно би ги ставиле на долна облека. Предноста е и што комбинирам долна со ноќна облека, парчиња кои се како транзиција меѓу дневна и ноќна. Нашите кимона се носат како фустани, како долги кошули, како делови од гардероба. Во Англија тоа многу убаво знаат да го носат. Во Македонија допрва почнуваат да ја комбинираат долната облека како дневен аутфит, вели македонскиот дизајнер.

Од вашето досегашно искуство, што е најважно за успехот на еден дизајнер?

– Талентот и натчовечката упорност.

Колку е долг патот од создавањето сопствен бренд до негова продажба на глобалниот пазар?

– Три до пет години, ако имате многу пари и среќа, седум до десет години со мала инвестиција, ако сте еден нанопроцент од среќниците, а повеќето брендови не успеваат да преживеат повеќе од две години.

Кој е вашиот принцип на работа, што ве инспирира да започнете дизајн на нова колекција?

– Висок процент на моето време е поминат во мислење и расудување на насоката на брендот што, пред сè, е водена од насоката на колекциите. Од Ким Новак, Убавицата и ѕверот, обезглавената Мери – кралицата на Шкотите до Берлин и апокалиптичните соништа после користење дрога, сме посетиле многу темни (и светли) катчиња на нашите мозоци.

Како се појави идејата да дизајнирате долна облека со ликот на Дејвид Боуви?

– Директорката за продажба на одделот „personality“ на „KaDeWe“, која е последниот човек за кој би рекле дека е во состојба да дава идеи за откачени проекти, едноставно побара да се инспирирам од Дејвид Боуви и неговиот секс, „драгс енд рокенрол“ живот во доцните 70-ти години на минатиот век во Берлин. Мене Зиги ми е најсекси реинкарнација на овој музички и визуелен камелеон, па така Зиги се појави на нашите парчиња облека.

Колку често доаѓате во Скопје и дали соработувате со некој од македонските дизајнери?

– Доаѓам два-три пати годишно, со Македонија не работам од аспект на производство, а со македонските дизајнери се дружам, но не соработувам. Секако, има луѓе со кои би ми било многу мило да работам некој проект. Никогаш не вели никогаш!

 

Дизајнерот најтешко прави пари

 

За дизајнерот е најтешко да направи пари. Има многу талентирани млади луѓе со одлични концепти, ама за тие да се изреализираат од идеја до продавница е комплицирано. И на Запад може да ви откаже фабриката, клиентот да не ви плати, фабриката да ви направи фелеричен производ кој ќе биде пратен на рекламација. Еве, и од „Долче и Габана“ ги избркаа од луксузната стоковна куќа „Селфриџис“ кои им правеа огромни пари. Никој веќе не е свет ниту безбеден. Главно правило во модниот свет е дека нема спиење. Во Лондон, кој е меѓу најскапите градови, клиентите е исто така скапо да ги примате во канцеларии. Ако не правите профит од 150 милиони евра годишно, немате ќар. Во случајот на мојот бренд, дизајнот се прави кај мене, студиото е во Кент, тие што се одговорни околу продажбата и односи со јавност се на друго место, вели Пачемски.

 

Потешко е да се дизајнира долна облека од облека

 

Повеќе луѓе се запознаени со процесот на правење облека отколку процесот на правење долна облека. За градник ви се потребни 35 кројни парчиња. Ако имате 7 вида корпи А, Б, Ц, Д… и обем 70, 75, 80… тоа се 35 броеви по градник за кои мора да се сече шаблон со градуација на секое парче. Мора да постои баланс, на ластик, жица. Изгледа како едноставен производ ,ама во суштина е комплексен инженеринг, базиран на резолуција на сили зашто имате гравитација, телесна тежина, флуктуација на гради… вели Пачемски.

 

Ѕвездите во долна облека на Пачемски

 

Нашите производи ги носат необични и обични, непознати и познати жени, како Леди Гага, Скарлет Јохансон, Викторија Бекам, Ким Кардашијан, која е петтата најследена славна личност од папараците. Најчесто дознаваме откако марката е купена во продавниците и ќе ги видиме објавени во престижните модни магазини, како францускиот „Вог“, вели Пачемски.

Лејла Сабит     Фото: Приватна архива