„Игор Маџиров“- првиот интернационален театарски фестивал на детски театри во чест на актерот


Театарот за деца и младинци во чест на 32. роденден, го најавува првиот интернационален театарски фестивал на детски театри , именуван според колегата и актерот Игор Маџиров .

Интернационалниот театарски фестивал на детски театри „ИГОР МАЏИРОВ“ ќе се одржи од 30. септември  до 4. октомври 2022 во Скопје. Фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат седум (7) награди за кои ќе одлучува интернационална жири комисија составена од три члена. Наградите кои ќе ги доделува фестивалот „ИГОР МАЏИРОВ“ се:

Гранд при награда за најдобра претстава во целина
Награда за најдобра режија
Награда за најдобра машка улога
Награда за најдобра женска улога
Награда за најдобра сценографија
Награда за најдобра костимографија
Сепцијална награда

Покрај главната натпреварувачка програма, фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе се одржат работилници, семинари, дебати посветени на куклениот, детскиот и младинскиот театар.

Во тек е отворен конкурс за доставување пријави за учество, на нашиот портал www.puppet.com.mk. Право на учество имаат домашни и странски професионални ансамбли кои творат во областа на детскиот театар. Апликацијата и сите неопходни информации за првото фестивалско издание може да се најдат на македонски и англиски јазик. За главната натпреварувачка програма ќе одлучува Селекторот, во соработка со Уметничкиот совет на фестивалот.

Иницијативата за основање на овој фестивал е мотивирана од желбата на колективот на Театарот за деца и младинци, а истата е продолжение и на т.н. Балкански кулкен фестивал, што во раните 90ти години беше организиран од нашиот театар во соработка со сите други регионални театри.  Среќни сме што сите овие аспекти беа препознаени и од Министерството за култура, кое оваа година го поддржа овој проект во програмата за проекти од Национален интерес во културата.

Веруваме дека фестивалот „ИГОР МАЏИРОВ“, ќе ја збогати културната понуда во нашата земја и во иднина ќе биде престижен фестивал со традиција,, чија цел е промоција и афирмација на детската театарска продукција, како основен естетски и едукативен потенцијал за нашата детска публика.