Игор Лештар: Продажбата на „Сеавус“ е промислена бизнис одлука која отвора нови перспективи за компанијата

На почетокот на месецов, една од најуспешните компании во ИКТ секторот во нашата земја, „Сеавус“, е купена од нaјголемиот ИКТ холдинг во Чешка, групацијата „Арикома“, која е дел од ККЦГ групацијата на Карел Комарек. Во интервју за порталот А1.он, Игор Лештар – основач на „Сеавус“ објаснува дека продажбата е сериозна и промислена бизнис одлука која отвора нови перспективи за компанијата. Со стратешки партнер како „Арикома“, го носиме „Сеавус“ на следното ниво на развој. Тоа практично ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време, да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти, истакнува Лештар во инетрвјуто.

Основана во 1999, од компанија со само неколку вработени, „Сеавус“ прераснува во модерна групација која вработува 800 ИТ-специјалисти ширум светот, со петнаесет оперативни канцеларии во повеќе земји, вклучувајќи ги Шведска, САД, Македонија, Белорусија, Молдавија, Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина. Компанијата нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, а во портфолиото на „Сеавус“ се вбројуваат над 4.000 клиенти, меѓу кои светски телеком оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, итн.

Оценувајќи го тајмингот за продажбата како клучен, Лештар вели дека компанијата достигнала степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува за поголема меѓународна експанзија, за што е потребно окрупнување и многу посилен финансиски партнер кој може да го однесе „Сеавус“ на следното, повисоко ниво на развој. Тој додава дека новиот сопственик „Арикома“ за „Сеавус“ ќе значи функционирање како дел од една поголема ИТ организациска мрежа, понатамошен напредок, забрзување на иновациите и зајакнување на позициите на компанијата на меѓународниот пазар.

Во однос на промените и идните планови, Лештар нагласува дека оперативното и деловното работење на компанијата ќе продолжи непроменето. Лештар продолжува да работи во „Сеавус“ заедно со раководството на „Арикома“, а во продажбата гледа извор на нови можности кои како резултат на здружени сили, експертиза и капитал кои ќе овозможат влез на уште повисоко финансиско и пазарно ниво. 

„Луѓето секогаш биле и натаму остануваат највредниот ресурс на компанијата и бизнисот. Токму затоа, на постојните 800 вработени планирани се и нови вработувања со тенденција тој број да достигне до 2.500-3.000 луѓе. Како и досега, ќе продолжиме да вложуваме во обуки и професионална надградба на вработените, со цел и натаму да бидеме компанија во која работат вистински експерти од разни области на ИКТ-индустријата. Секогаш верував дека вработените се клучни за успехот, а за тоа е свесен и нашиот партнер, кој токму во вработените ги гледа и вредноста и силата на компанијата“, вели Лештар. Тој истакнува дека за клиентите оваа купопродажба ќе значи проширување на корисничкото портфолио на услуги, доверлив партнер во забрзаниот процес на дигитализација на компаниите, супериорни и доверливи ИТ решенија за нивните бизниси.        

Инаку, со оваа аквизиција, групацијата „Арикома“ продира на другите пазари во Европа и ја зајакнува својата позиција во САД. Истовремено, ја зацврстува својата меѓународна позиција во ИТ-индустријата, со консолидирани приходи од 300 милиони евра, добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) од над 23 милиони евра и повеќе од 2.800 вработени. Една од главните цели на групацијата „Арикома“ е посилно етаблирање на странските пазари, истовремено поддржувајќи го подинамичниот развој на сопствените SW-решенија и услуги.                                    (Овој текст е спонзорирана содржина)