Игор Југ следбеник на Културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола
Таканаречениот Културен центар „Иван Михаилов“ во Македонија, чие писмо беше изговор за бугарскиот претседател Румен Радев да ги свика безбедносните служби и да им даде задача да ги заштитат правата на македонските граѓани што се декларираат како Бугари, е поврзан со Игор Југ, еден од насилниците што влезе вооружен во Парламентот на 27 април и кој е осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Иако е Хрват по потекло Југ се декларира како верен на Организацијата (ВМРО на Иван Михајлов), и тоа најтранспарентно на сајтот на овој квази културен клуб кој очигледно повеќе се бави со политика отколку со права.
„Политичкиот затвореник, нашиот брат Хрватинот Игор Југ затворен, наместен од удбашките структури во државава.Со порака од затворот во Штип.
Не се откажувам од Ванчо Михайлов, за да тргнам по стапките на ТИТО!!!
Не сум партиско кутре и слеп послушник!
Не сум роб и слуга на партиите и нивните водачи!!!
Јас доброволно сум роб на идеите на Организацијата!
Јас сум Хрватот што ја сака Македонија!
МАКЕДОНИЈА ШВАЈЦАРИЈА НА БАЛКАНИТЕ!!!! – стои на Фејсбук страницата на Културниот центар.
Ова отвора ново прашање , особено откако Радев најави дека ќе ги вмеша безбедносните служби во спорот со Македонија: Дали структури од Бугарија , покрај руските, биле замешани на некој начин во обидот за државен удар на 27 април и што од тој аспект може да значат најновите најави на Радев?
Дека не станува збор за епизода туку за смислено и долгорочно користење на ваквите центри за остварување на бугарските интереси зборува и фактот дека овој таканаречен Културен центар, кој стана активен откако стана активен и спорот со Бугарија, писмото со тврдења дека им се загрозени правата како Бугари во Македонија деновиве го испратил и до амбасадите на САД, ЕУ, Германија и актуелниот претседатвач со Унијата, Португалија. Од нивната активност се гледа зошто министерката Екатерина Захариева бара отворање културен центар во Македонија кога во моментов има барем три такви во нашата држава и уште толку здруженија и организации на Бугари. Тие деновиве ја засилуваат реториката и се обидуваат да мобилизираат што повеќе наши граѓани да се изјаснат со бугарско етничко потекло на пописот.
Во врска со нивното писмо се јави со реакција денес и Захариева.
-Ние реагираме за секој случај и се радуваме на тоа што и колегите од Северна Македонија започнаа да реагираат затоа што на крај тоа се и нивни државјани, тие живеат таму. Над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани. Недозволиво е во 21 век да не се признаваат права на самоопределување, изјави Захариева во интервју за бугарската БНТ. (Н.В.)