Игор Иванов-Изи: Нападот на Тозија е напад на Агенцијата за филм


Филмот е рефлексија на случувањата во општеството. Дневно-политичките случувања можеби не влијаат директно на авторите и нивната авторска визија, но сепак и тоа како политиката допира до нас, преку поддршка или отсуство на поддршка, преку фаворизирање на селектирани поединци, преку репресија на мислата или давање услови таа да се искажува слободно, преку негување на систем на вредности или нивно рушење. А, филмот за да може да се развива бара пред сè услови, од кои првиот е слободата, бара интелект и знаење за да биде препознаен, бара искуство, транспарентност, етика, почитување на законот и правилата, пишани и непишани.

Сведок сум на скорешниот политички обоен, таргетиран напад на првиот човек на Агенцијата за филм – Горјан Тозија, што за мене претставува  и напад на самата Агенција за филм, што во крајна линија, по најуспешната година во историјата на македонскиот филм значи  и напад на македонската кинематографија. Јас и Тозија се согласуваме за многу работи поврзани со филмот и филмскиот работник. Понекогаш и не се согласуваме,  сме имале спротивставени ставови и јавни несогласувања. Сепак тука не можам, а да не ја искажам поддршката кон него и неговите заложби за унапредување на дејноста и да се спротивставам на сите оркестрирани  и предизборно мотивирани напади кон него. Апелирам да не се потпаѓа под повеќе од очигледно нарачаниот и фокусиран притисок кој што се упатува кон Горјан Тозија, а наместо тоа, ги потсетувам институциите да се позанимаваат со случаите каков што е финансирањето на ТВ серијата “Македонија”, платените, а никогаш реализирани филмски проекти, процедурите по кои во минатото биле доделувани средства под политички диктат и вон сите критериуми.

Агенцијата за филм, налик на европските фондови треба да претставува независно тело, одвоено од Владата и Министерството за култура, негувајќи независност од политиката, како основен предуслов за создавање современ европски филм.

 

Игор Иванов – Изи, режисер и претседател на Друштвото на филмските работници