Игор Христов со изложба на фотографии во Софија


Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска ќе биде отворена фотографската изложба на Игор Христов „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“.

„Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ е документарна фото изложба од 20 дела, фотографирани во три држави: Тајланд, Перу и Еквадор. Темата која ја обработува изложбата е од социјален карактер и следи луѓе кои спијат во јавна околина: по улиците, по пазарите, парковите, станиците.

-За да ги направам овие фотографии ме инспирира храброста на тие случајни сонувачи да си го отпуштат телото и удобно да се наместат пред илјадници минувачи и слатко да потонат во друга реалност. Тие спаѓаат во групата на сонувачи, а не на спијачи! Сонот е уметност, сите кои сонуваат несвесно градат едно уметничко дело со слики, ситуации, карактери, симболи, исто како и филмскиот режисер или поетот, наведува авторот.

Игор Христов, роден 1982 година во Скопје, е филмски режисер и пасиониран фотограф. Како тинејџер завршува курс по фотографија во „Народна техника“. Во 2003 година се запишува да студира во Националната Академија за филм во Софија, Бугарија, смер филмска и телевизиска режија. Како студент има можност да снима три кратки филма на 35 мм лента, кои филмови учествуват  на бројни филмски фестивали. Во 2010 година магистрира на тема „Естетиката на Магичниот реализам во киното“. Неговите кратки филмови се наградени во Јапонија, Кина, Полска, Чешка, Шпанија, Турција. Ова е негова прва самостојна фото изложба.