ИФЈ: Во 2020 година убиени 42 новинари и медиумски работници

Фото: Б. Грданоски

Белгија– Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) по повод Меѓународниот ден на човековите права – 10 декември, објави документ насловен „Бела книга за новинарството во светот“ во која се предупредува дека годинава 42 новинари и медиумски работници биле убиени на задача.

Во истиот документ се наведува дека најмалку 235 новинари и медиумски работници во моментов се во затвор и оти против нив се водат постапки во врска со работата што ја работат.

Генералниот секретар на ИФЈ, Антони Беланже изјави дека намалувањето на бројот на убиства на новинари не може да ја прикрие „смртоносната опасност и заканите со кои се соочуваат новинарите поради нивната работа“.

Според податоците објавени на веб-страницата на ИФЈ, во последните три децении убиени се 2.658 новинари ширум светот.

Најмногу новинари годинава се убиени во Мексико – 13, со што земјата четврти пат е на врвот на списокот на ИФЈ во последните пет години.

На второ место е Пакистан, со пет убиства, додека во Авганистан, Индија, Ирак и Нигерија годинава се убиени по тројца новинари.