Неделава ќе се поделат функциите од вториот и третиот ешалон


Фото: Б. Грданоски

Неделава ќе почнат преговорите меѓу коалициските партнери за поделба на вториот и третиот ешалон, што значи партиите да се договорат за заменици министри, како и за првите луѓе на секретаријатите и агенциите. Се очекува да има ротација во овие функции меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ.

Неофицијално, како што шпекулираат албанските медиуми, се очекува ДУИ да има заменик министри во Министерствата за внатрешни работи, транспорт и врски, правда, здравство и одбрана. Неофицијално се шпекулира дека новите Управи кои можат да припаѓаат на ДУИ се МЕПСО, ЈП Државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации, „М-НАВ“ и Агенцијата за лекови „Малмед“.

Инаку, и по еден месец од конституирањето, Собранието нема комисии, бидејќи партиите не можат да остигнат договор кој ќе ги предводи овие работни тела во парламентот, кои се најбитни за носењето на законите.

Првиот човек на Собранието чека парламентарните партии да се договорат за да свика седница, додека, пак, власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за кочење на изборот на претседатели на комисиите.

Составот на 21 комисија во собранието треба да се утврди со конзенуз на сите пратенички групи. Мнозинство во 20 комисии ќе има владејачката коалиција СДСМ-ДУИ-БЕСА-ДПА, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе има повеќе членови само во Комисијата за надзор на следењто на комуникациите. Според бројот на пратенички места коалициите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ ќе раководат со по 8 комисии, ДУИ 3 и коалицијата Алијанса-Алтернатива – 2 комисии.