„Идиотот“ на Филипче против „талогот“ на Мицкоски
„Вакви срамни навреди кон претседател на Влада не и доликуваат на една опозиција која претендира да биде некогаш власт. Ова е говор на омраза и говор на човек кој очигледно се наоѓа во сериозна криза и сложена состојба. Филипче манифестира силен страв и остава впечаток дека е притиснат од внатрешни поделби и притисоци. Ова е говор на уценет човек. Ова не е речник што доликува на доктор и на човек кој е дел од академската заедница.
Дали би му довериле одговорност и управување со вашите животи на човек кој во јавната комуникација употребува вокабулар како ‘идиот’? Ваквиот вокабулар не доликува на професор, доктор и политичар“, рече Мицевски.
Како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски рече дека, заедно со пратениците, јасно го осудува говорот на омраза на пратеникот Филипче.
„Зошто е толку нервозен и зошто инсистира на капитулација пред Бугарија? Суштината на неговиот денешен испад и недоличното манифестирање и невоспитано однесување, не е во тоа дали Исланд е дел од заедничкиот европски пазар. Прашањето е дали презел политички обврски што сега не може да ги исполни и дали токму тоа е причината за ваквата нервоза“, рече Мицевски.
Пратеникот Антонио Милошоски исто така ја осуди изјавата на лидерот на СДСМ.
„Ова е недоличен говор за еден професор и претседател на партија. Ваков вокабулар (‘таков идиот, комплетен’) и навреди повеќе се одлика на нервозен и уценет човек, наместо на опозициски политичар кој има амбиција да биде премиер на држава. Гневот и омразата никогаш не со добри сојузници во јавните настапи. Загрижувачки“, рече Милошоски.
Претходно во дрруго соопштение ВМРО-ДПМНЕ покажа каков е навистина вокабуларот на нивната партија, за што неколкупати реагираа од опозицијата, кој освен традиционалниот опис за лидерите на СДСМ како „предавници“, „мршојадци“, „глодари“, во последно време не се ни кажуваат по име – туку како „талог“ на општеството.