„Идентитетот е приказна“ на Антоновски меѓу топ три книжевни настани во светот според „Асимптот“


Книгата на Иван Антоновски „Идентитетот е приказна“, анализа на делата на Горан Стефановски, се најде во изборот на топ трите книжевни настани во светот минатата недела, според изборот на интернет страницата на специјализираното списание „Асимптот“ (Asymptote). Покрај делото на Антоновски, во изборот се издвоени и рецензии за фестивалот за литература во Индија и за чешките стрип уметници на Меѓународниот фестивал на стрип уметност. 

Во рецензијата посветена на делото на Антоновски, соработничката на „Асимптот“ , Софија Поповска, главен и одговорен уредник за Македонија, потсетува дека во знак на сеќавање на седумдесетгодишнината од раѓањето на македонскиот писател и познато име Горан Стефановски (1952–2018), издавачката куќа „Полица“ го издаде „Идентитетот е приказна“, анализа на делата на Стефановски од Иван Антоновски, достапна во книжарниците од 4 октомври 2022.

„Додека Стефановски работеше претежно во сферата на филмот и театарот, ‘Идентитетот е приказна’ претставува детална анализа на есеистичкото творештво на Стефановки, фрлајќи ја потребната светлина врз област од неговиот книжевен придонес на која сè уште не му било посветено големо внимание“, се вели во освртот.

Притоа се додава дека Стефановски е можеби најпознат како драматургот на Диво Месо, драма којашто го прикажува микрокосмосот на едно семејство кое се распаѓа поради судир на вредности во текот на претстојната Втора светска војна. Неговото непоколебливо и нијансирано истражување на чувствителни теми, како што се губењето на културата и традицијата, дилемата помеѓу бунтот осуден на неуспех и понижувачкиот конформизам, и притисокот врз Источна Европа од страна на западните земји, му ја донесе наградата на театарскиот фестивал Стеријино Позорје во 1980 година. за најдобра југословенска претстава на годината, како и наградата 11-ти Октомври, најпрестижната награда што се доделуваше во тогашна југословенска Македонија, се вели во рецензијата.

„Идентитетот е приказна беше примен со одобрување и возбуда на македонската книжевна сцена; на 15 октомври се одржа промоција на книгата, со читање на есеите на Стефановски, групни дискусии за неговото творештво и изведба на извадоци од драмата ‘За нашиот Горан’, која настана во знак на одбележување на придонесите на Стефановски за македонската култура. Венко Андоновски, истакнат македонски автор и литературен критичар, го окарактеризира ‘Идентитетот е приказна’ како „не само пионерска, туку и професионална и методична студија за есеистичкото пишување на Стефановски“, посочува Поповска.

Еден од централните заклучоци изведени во делото е, според рецензијата на Андоновски, дека „есеите на Горан Стефановски може да се сметаат за метажанр на неговото драматуршко дело“.

За метажанрот на Стефановски, Андоновски елаборира: „Сите негови драми се, всушност, есеи за идентитетот (генеалошки прекодирани во драмска форма), што значи – приказни кои вложуваат во идентитетските основи на македонската култура. Подеднакво, неговите есеи се драматизирани размислувања за идентитетот и за драмскиот чин воопшто“. Идентитетот и приказната на Антоновски носи нова светлина во наследството на Горан Стефановски и е прославена во македонската книжевна сцена поради откривањето на овие важни аспекти од книжевниот придонес на Стефановски за јавноста, се вели во освртот на „Асипмтот“ за книгата „Идентитетот е приказна“ на Иван Антоновски.

Инаку, овој специјализиран веб-сајт, како што пишува на нивната интернет страница, е добитник на наградата за меѓународна иницијатива за книжевно преведување на Лондонскиот саем на книга во 2015 година.

„Asymptote е водечка интернет страница за светската литература во превод. Нашето име го земаме од испрекинатата (точкестата) линија на графиконот кон кој може да се стреми математичката функција, но никогаш да не ја достигне. Слично на тоа, преведениот текст никогаш не може целосно да го повтори ефектот на оригиналот; тоа е свој творечки чин“, посочуваат од „Асимптот“.

Притоа, додаваат дека нивната мисија е да ги отклучат книжевните богатства на светот. До денес, имаат објавено дела од 121 земја и 103 јазици, сите досега необјавени поезија, фикција, нефикција, драма и интервјуа на писатели и преведувачи како што се J. M. Coetzee, Патрик Модијано, Херта Милер, Кан Кју, Јунот Дијаз, Исмаил Кадаре, Дејвид Мичел, Ен Карсон, Харуки Мураками, Лидија Дејвис, Ен Голдстајн и Дебора Смит.

Во изминатите пет години нивната понуда е проширена со секојдневно ажуриран блог, двонеделен билтен, месечен подкаст и едукативни водичи кои го придружуваат секое тримесечно издание, како и повеќе од триесет настани на пет континенти. Во 2015 година, Asymptote стана основачки член на The Guardian’s Books Network со „Преведувачки вторник“, неделна изложба на нови литературни преводи што може да ги прочитаат 5 милиони следбеници на весникот.

Рецензијата е достапна ТУКА